Македонија
Цвеќе и играчки пред македонската амбасада во Бугарија
Граѓани на Бугарија положија цвеќе, оставија играчки и запалија свеќи пред македонската амбасада во Софија во знак на сочувство за загинатите во тешката сообраќајна несреќа со македонски автобус, што се случи во Бугарија.
46 лица, меѓу кои и деца, загинаа во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“.

Седум лица се повредени. Тие се сместени во болница, без опасност за животот.
Засега не се познати причините за несреќата. Се споменува дека, најверојатно, до несреќата дошло поради техничка неисправност или човечка грешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продавниците на Широк Сокак ќе работат и за време на празниците и во недела
За да се овозможи целосно уживање во убавините на градот, Општина Битола во соработка со Министерството за култура и туризам, а согласно законската регулатива, воведува новини кои дополнително ќе ја зголемат неговата привлечност и функционалност.
„Со цел да се одговори на потребите на бројните туристички групи кои го посетуваат градот за време на викендите и празниците, се овозможува непречена работа на трговските објекти во најфреквентните зони, дефинирани како туристичко-културолошка атракција. Ова значи дека сите трговски објекти лоцирани на Широк Сокак сега ќе можат да ги услужуваат посетителите и во недела и за време на празници, нудејќи им можност за купување и на автентични сувенири во секое време“, велат од Општина Битола.
Оваа потреба е поддржана со законските регулативи и известувањата од Министерството за култура и туризам, според кои Широк Сокак и Старата битолска чаршија се дефинирани како значајни туристичко-културолошки атракции.
Како дел од заштитеното старо градско јадро, овие локации имаат статус на туристички места од висок ранг, што овозможува исклучоци во трговската дејност во корист на развојот на локалниот туризам.
„Битола не е само град на историјата, туку и град кој живее за своите гости. Со овозможувањето на работата во недела и празници на Широк Сокак, се создаваат услови за комплетно туристичко доживување кое доликува на еден модерен европски центар“, велат од Општина Битола.
Македонија
Поради неисполнување хигиенски услови, затворени 9 новогодишни куќарки во струшката чаршија
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), спроведе вонреден инспекциски надзор во 9 новогодишни куќарки во градската чаршија во Струга и издаде решенија за забрана за работа поради неисполнување на основни хигиенски услови.
На угостителите им се изречени парични казни по 200 евра во денарска противвредност, а издадени се и налози за нивна регистрација во Агенцијата како оператори со храна.
Со контролатата спроведена на 22 овој месец, утврдено е дека во куќарките работеле физички лица и тоа во нехигиенски услови, односно куќарките не биле поврзани на градската водоводна мрежа, немале спроведена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, лицата немале спроведени задолжителни здравствено – санитарни прегледи, а не се почитувале ниту правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса.
Решенијата за времена забрана на вршење на дејност ќе останат на сила се до исполнување на потребните услови за работа.
Македонија
СДСМ: „Манасије српски“, првиот македонски бот
Во Србија, Александар Вучиќ осмисли посебна функција во партијата кога не знаеше што да прави со луѓето кои ништо конкретно не знаеја да работат, само филозофираа, па ги нарече „ботови“, велат од СДСМ во партиското соопштение осврнувајќи се на работата на Валентин Манасијевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Бот е скратеница од „робот“ и означува луѓе кои се „подесуваат со софтвер“ да извршуваат дејства онака како што ќе ги „програмираш“.
Како се плаќаат?
Ефтино – се плаќаат со сендвичи!
Затоа народот им даде еден духовит прекар – „сендвичари“!
Духовит прекар, но не треба да се заборави дека тие извршуваат сериозна работа за кујната на лагите.
Така настана и првиот македонски бот – се вика Валентин Манасијевски.
Бидејќи нема никаква функција во ВМРО Ванчовистичка, идеален е да глуми портпарол за лажни вести, изјави и напади на СДСМ.
Зошто нема функција?
Мора да остане „чист“. Не смее да работи тендери и да прави комбинации како некои другари на премиерот“.
Што прават со Валентин, прашуваат од опозициската партија.
„Едноставно му се плаќа облекувањето (забележувате нови одела и сакоа за секоја прес-конференција) сепак треба да изгледа како Валентино, како што и името му звучи.
Се разбира, тука може да биде и задолжителниот сендвич. Така Валентин, со презиме Манасијевски, успеа да стане првиот и единствен примерок на бот во Македонија. Секогаш кога нема одговори за: поскапувањето на струјата, недостигот на мазут, загадениот воздух, „мигранти за пари“, Алта банка – што се прави? Па нормално – дефокус! Стиснуваат копче и ете го Манасије. Се поклонува и почнува со Заев, Филипче, СДСМ… функционира навистина како најнова верзија на АИ. Потребно е ВМРО Ванчовистичка да се грижи за Манасије. Зголемете му малку буџет за мода – треба модерно да изгледа. За топлиот оброк (сендвичот) не се грижиме, забележано е дека е засилен, појачан.
Ете уште една нова професија преземена од Белград, од нивниот шеф Вучиќ“.
Како што стојат работите, наскоро, додаваат од оваа партија очекуваат ВМРО Ванчовистичка, како што ја нарекуваат, да го додаде и она „СНС“ помеѓу ДПМНЕ.

