Македонија
Целодневна хуманитарна забава за роденденот на општина Аеродром

Роденденот на општина Аеродром што ќе се случува в сабота годинава ќе биде отворен настан во паркот со авион како целодневна забава за граѓаните од сите возрасти.
Роденденската забава има хуманитарен карактер, така што во соработка со Црвениот крст се собираат средства за социјално загрозени семејства на територија на општина Аеродром. Сите кои сакаат да помогнат на социјално загрозени семејства од општина Аеродром, можат на донираат на жиро-сметката на Црвен Крст на Република Македонија – 300000000206646 Комерцијална банка или да ги доделат на местото на на настанот во специјалните кутии за донации.
Општина Аеродром соопшти дека ќе го промовира и социјалното претприемништво. За таа цел, здруженија од општината што работат со ранливи категории „Лице в лице“, „Солем“, „Во мојот свет“ и „Порака“ ќе ги претставуваат своите производи на повеќе локации во паркот.
Програмата ќе почне од 12:00 часот со настап на децата од детските градинки и основните училишта со ритмички точки, балет, хип-хоп настапи, драматургија, соло-пеење со флејта и народни ора, на кои ќе им се придружат магионичар и улични забавувачи.
Во рамки на организацијата ќе има три натпревари во кои учествуваат сите основни училишта. Ќе се доделуваат награди за најдобар кошаркар, најдобар ликовен уметник и поет.
Во вечерниот дел, кој ќе трае до полноќ, забавата ќе ја збогатат бендови и изведувачи од Аеродром со концерти на квартетот на Македонската опера и балет, Марко Кума и Црни, Бени со „Нон стоп“ и Златко Ориѓански и ќе заврши со журка со музика по избор на Драган Б. Костиќ.
Покана до граѓаните за масовно присуство на роденденската забава на општина Аеродром упати и Нора Шаќири, која ќе ја води целата програма. Таа потенцираше дека настап ќе имаат познати естрадни уметници кои се буквално родени во општина Аеродром и изрази надеж дека граѓаните ќе покажат хуманост за социјално загрозените семејства во општината. „Дојдете да поделиме заедно радост, но и малку тага. Дојдете да помогнеме, но и да ги охрабриме младинците од Аеродром“, рече Нора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.