Македонија
„Цивил“ бара укинување на привилегиите на функционерите

„Цивил“ – Центар за слобода бара од законодавната и извршната власт да им стават крај на расипништвото и на повластиците во кои уживаат функционерите. Почнувајќи од поранешните претседатели, завршувајќи со раководителите на државните агенции и други институции, сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја што се декларира како социјална држава според Уставот.
„Бесмислено е да се трошат огромни суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош на сметка на сиромашните граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.
Функционерите во законодавната и извршната власт, а секако и локалната самоуправа, мора да се откажат од луксузните автомобили, од патните трошоци, од репрезентативните издатоци и прескапи патувања за кои имаат слаби изговори, луксузниот мебел, набавки на уметнички дела за декорирање на нивниот работен простор и сите други удобности на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви, се вели во соопштението.
Според „Цивил“, сѐ што е до сега набавено мора да се продаде, а средствата да бидат наменети за подобрување на образованието, здравството и на безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 50.000 евра, треба да се набават противпожарни и амбулантни возила или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат по ресторани, функционерите мора да работат на борбата против корупцијата и сиромаштијата во земјата.
Апанажите мора да се укинат или да се сведат на минимум. Во оваа земја социјалната помош му се укинува на примателот ако заработи екстра приход од собирање пластични шишиња во вредност од 300 денари. Неприфатливо е да се креираат, а потоа и до максимум да се користат сите прописи според кои функционерите, практично, не мораат во ниеден момент да посегнат по својот џеб. Секоја чест на исклучоците за кои знаеме дека ги има и чесно и одговорно се однесуваат кон јавните ресурси. Но, поединечните добри примери меѓу функционерите не се доволни.
„Цивил“ бара да се ревидираат сите законски регулативи според кои им се даваат прекумерни повластици и на актуелните и на функционерите во заминување. Во време кога ни умираат деца поради лошото здравство, кога младите во огромен процент се функционално неписмени, кога луѓе гладуваат и мрзнат во своите домови, не може да се трошат 165.000 евра годишно за некого, па нека е тоа и поранешен претседател.
„Цивил“ бара воведување стандарди според кои набавките ќе бидат не само транспарентни туку и рационални! Возилата не смеат да бидат луксузни, ни во голем број, туку да одговараат на практичните потреби на институциите и луѓето што ги раководат. Тоа се однесува на сите други аспекти од нивното трошење. Доколку властите не почнат итна постапка за корекција на законските регулативи според кои се трошат вртоглави суми пари за повластици на функционерите, граѓанките и граѓаните треба да го искористат и своето право на протест.
„Цивил“ ќе ги достави барањата за укинување на привилегиите на функционерите објавени и во соопштението од 14 мај до Собранието утре во пет минути до 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.