Македонија
Црвенковска: Намалувањето на бројот на судии штетно ќе се одрази врз судскиот систем
Пред Судскиот совет стои предизвикот за кадровско пополнување на судовите, како со судии, така и со администрација, особено поради фактот дека следува период во кој многумина судии ќе ги исполнат условите за пензионирање, па како итност се отвора прашањето за избор на нови судии, истакна претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на конференцијата посветена на Стратегијата за реформа во правосудсниот сектор 2017 – 2022, во организација на Институтот за европска политика и Асоцијацијата зенит, со поддршка на Европската Унија.
Таа додаде дека иако во Стратегијата за реформа на пправосудниот сектор 2017- 2022, но и во други документи, се посочува дека бројот на судии е поголем од европскиот просек кога се мери според бројот на населението, сепак, нашите судии, според статистиката, имаат голем број предмети за решавање, па секое намалување на нивната бројност штетно ќе се одрази врз функционирањето на судскиот систем.
„Можеме во иднина да го отвориме ова прашање, особено кога ќе ги имаме резултатите од пописот, но потребно е време судовите да го совладаат големиот број предмети, а за тоа ни се потребни судии и судски службеници“, рече Црвенковска.
Уште еден предизвик за Судскиот совет во следниот период, додаде таа, е финансиското осамостојување на судската власт со цел да се спроведат посуштински и посеопфатни реформи, а со крајна цел да имаме професионално и ажурно судство, но и задоволни граѓани кои ќе му веруваат.
„Советот е во постојана заложба за зголемување на средствата кои се наменети за судството. Несомнено дека финансиската независност ќе ни донесе порационална распределба на средствата, ќе можеме побрзо и навремено да вработуваме, да планираме инвестиции, но и да се грижиме секој суд да функционира и да ја исполнува основната задача – низ транспарентни постапки да носи квалитетни пресуди“, нагласи Црвенковска.
Во однос на насоките од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, таа истакна дека голем дел се реализирани, зголемена е транспаретноста на Судскиот совет со тоа што седниците на Судскиот буџетски совет се отворија за јавноста, а отворени остануваат и седниците на Судскиот совет. Црвенковска ја посочи Методологијата со индикатори преку која ќе се утврдува сложеноста на судските предмети, документ кој неодамна е усвоен и кој наскоро ќе има пилот-проект.
„Методологијата со индикатори ќе овозможи соодветна распределба на предметите, а судиите ќе ги ослободи од натрупаност со предмети или едноставно судовите ќе испорачуваат поефикасна и навремена правда. Почнуваме со поставување на дигиталниот механизам преку кој ќе се внесуваат податоците за предметите, како докази, сведоци, планирани судења… и сето тоа ќе го означи предметот по својата сложеност. За почеток се предвидуваат три пилот-судови, за потоа методологијата да се применува од страна на сите судии“, рече Црвенковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

