Македонија
ЦУК повторно ќе го тестира системот за масовни известувања на граѓаните

Во текот на попладневните часови граѓаните ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за испраќање масовни известувања и аларми во случаи на кризни состојби, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму појаснуваат дека станува збор за систем кој овозможува итни пораки да бидат испратени до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во одредена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Целта е навремено и ефикасно информирање на населението при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации.
Од ЦУК велат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои бараат сите земји да располагаат со механизам за масовно информирање и алармирање на граѓаните во услови на криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба Минчев–Ејакуза: Отворена власт и квалитетна администрација за подобри услуги кон граѓаните

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со извршниот директор на Партнерството за отворена власт (ПОВ), Аидан Ејакуза, во пресрет на тематскиот регионален состанок посветен на иницијативата Партнерство за отворена власт.
На средбата се разговараше за тековната имплементација на Националниот акциски план 2024–2026, како и за стратешките активности кои Министерството за јавна администрација ги презема во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста, дигитализацијата и граѓанското учество во институциите.
Министерот Минчев истакна дека Македонија останува целосно посветена на принципите на отворено владеење и дека ПОВ е клучна рамка за подобрување на квалитетот на јавните услуги и довербата на граѓаните во институциите.
„Нашата крајна цел е да изградиме јавна администрација која е професионална, отворена, достапна и во служба на граѓаните. Партнерството за отворена власт ни овозможува да ги зајакнеме механизмите за транспарентност и отчетност, но и да создадеме услови за поефикасни, квалитетни и правични јавни услуги. За нас, ова не е само меѓународна обврска, туку реална можност за подобрување на секојдневието на граѓаните“, изјави министерот Минчев.
Директорот Ејакуза го поздрави напредокот на државата и ја потенцираше важноста на активната вклученост на граѓанското општество и користењето на дигитални алатки како клучни двигатели на промените во рамките на иницијативата ПОВ. Тој ја охрабри земјата да продолжи со амбициозниот пристап и да ја зајакне улогата на Советот за ПОВ како форум за конструктивен дијалог и следење на имплементацијата.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи со проактивен пристап и партнерска соработка со домашни и меѓународни учесници, со цел натамошно унапредување на транспарентноста, интегритетот и ефикасноста на јавните институции во Република Македонија.
Македонија
Николоски: Доста е од злоупотреби на тајните служби, процесуирање на одговорните е предуслов за демократијата во Македонија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, повика Обвинителството да отвори истрага и да ги процесуира одговорните за наводната злоупотреба на тајните служби, оценувајќи дека расчистувањето е клучно за демократијата.
„Одговорност и процесуирање на одговорните за злоупотреба на тајните служби како предуслов за демократија во Македонија, објави на социјалните мрежи
Во опозиционите денови искажувавме сомнежи дека сме следени од тајните служби кои беа злоупотребувани од власта на СДСМ и ДУИ, а со нив и Стево Пендаровски.
Имавме сомнеж дека Агенцијата за разузнавање пишува клеветнички лажни извештаи до западните партнери и сојузници, а АНБ следела и прислушувала“.
Тоа, вели Николоски, беше начин за политичка дискредитација кој не им успеа.
„Промените се случија на минатогодишните избори, а со тоа и патот кон расчистување во тајните служби и одговорност за оние кои ги злоупотребуваа.
Повикувам: Обвинителството ова да го истражи и одговорните да бидат процесуирани. Доста е од злоупотреби на тајните служби“, пишува тој.
Македонија
До крајот на денот, сончево со мала до умерена облачност

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Во текот на ноќта ќе преовладува претежно ведро и тивко време.
Утре сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 37 степени.
Во Скопје, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во среда и четврток ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Потоа следи стабилизирање на времето.