Македонија
ЦУК: 11 пожари на отворено, во Светиниколско изгореа куќа и четири помошни простории
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 2 122 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 63,29%, а 36,71% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,06%, кон Итната медицинска помош 25,14%, а кон пожарникарите 5,87%, од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 811 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (8,94%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (36,71%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Регистрирани се 11 пожари на отворено и неколку помали интервенции во последното деноноќие и сите се изгаснати, па од вчерашните активни пожари нема. Пожарникарите интервенирале за гаснење ниска вегетација и ѓубре во општините: Гази Баба, кај село Раштак; Сарај, кај село Кондово; Сопиште кај село Варвара; Битола, кај месност „Обиколница“; Прилеп, кај село Стровја; Долнени, кај село Дебреште; Валандово, кај село Удово; Штип, кај Индустриска зона; Тетово, кај фабриката Муневре; Велес во Индустриска зона и во општина Свети Николе кај село Малино.
Заради силниот ветер при последните два пожара на отворено изгореле и објекти и куќа.
Конкретно, Регионалнио ЦУК – Велес, известува дека ТППЕ Велес, во период од 16.26 до 19.35 часот, со 12 пожарникари и 6 ПП возила, интервенирале на запалена ниска деградирана вегетација. Во пожарот биле зафатени и два стари (напуштени) воени магицина, во велешката населба „Речани“, зад хотелот „Монте Негро“. Зафатена била површина од 10 хектари на ниска вегетација. Заради силниот ветар постоела опасност за куќите на работ од населбата. ЦУК ја следеше ситуацијата, за ако е потребна помош да ја координира од други градови, но пожарникарите ги одбранија куќите од пожарот што заради силниот ветер беше многу разгорен и со променлив правец на тој простор од 10 хектари.
Пожарникарите од ТППЕ Свети Николе од 17.07 до 19.46 со девет пожарникари и четири противпожарни возила, интервенирале за гаснење запалена ниска деградирана вегетација, при што била опожарена и една куќа и четири помошни простории, во село Малино, Светиниколско. Со пожарот била зафатена површина од три декари.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.