Македонија
Чулев со велосипедската полиција во обиколка на Охрид
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска оствари работна посета на СВР Охрид, а воедно ја посети и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќајот, како и езерската полиција. Во рамките на средбата со раководството на СВР Охрид, министерот Чулев беше информиран за актуелната безбедносна состојба на подрачјето на овој сектор за внатрешни работи, која е на високо ниво, а за пофалба е фактот што во изминатиот период од страна на криминалистичката полиција во Охрид расветлени се 30 тешки кражби во викенд куќи во туристичките наслеби Лагадин и Елешец. Исто така, во фокусот на денешниот состанок во СВР Охрид беа парламетнарните избори кои ќе се одржат на 15-ти јули.

Министерот Чулев нагласи дека цврсто стои зад определбата истите да се спроведат со највисоко ниво на професионалност и неселективност од страна на полициските службеници и апелираше тие да постапуваат со еднаков пристап кон секој што ќе ги прекрши законските одредби, независно од неговата етничка или политичка определба. Од страна на раководството на секторот за внатрешни работи министерот Чулев беше запознат дека мапирани се критичните точки каде во изминатите изборни циклуси биле евидентирани изборни нерегуларности и истите ќе бидат покриени со зголемени полициски сили.

Покрај ова, министерот Чулев во текот на работната посета на СВР Охрид, учествуваше и во превентивната акција заедно велосипедската полициска патрола при што за граѓаните се делеа маски во централното градско подрачје, а во текот на вчерашната вечер беше дел иста таква активност која се спроведе во соработка со Советите на родители од неколку образовни центри во градот при што посети повеќе угостителски објекти во градот каде се собираат млади луѓе и им укажа на потребата од почитување на мерките и одлуките донесени од владата, а кои се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните.

На средбата, пак, со челните луѓе на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај министерот Чулев беше информиран дека во изминатиот период забележано е значителено намалување на бројот на сообраќајни незгоди на подрачјето на СВР Охрид.

Полициските службеници од езерската полиција, реферираа за активностите кои тие ги преземаат, а се насочени кон сузбивање на прекуграничниот криминалитет по езерски пат и заштита на рибниот фонд во услови кога Охридското езеро сеуште нема концесионер. На сите овие средби и состаноци министерот Чулев потенцираше дека кадровската и материјална опременост е исклучително значајна за функционирање на министерството за внатрешни работи и во таа насока во следниот период ќе се преземат активности со кои кадровски ќе се екипираат организациските единици каде е потребно тоа, но и на располагање на полициските службеници ќе им стави неопходната опрема со која ефикасно ќе ги извршуваат работните задачи и ќе ја подигнат ефикасноста на Министерството за внатрешни работи. “Европските интеграции на нашата држава наложуваат првенствено кадарот во министерството за внатрешни работи да биде стручен и компетентен, а потоа да ги има сите неопходни материјално – технички средства. Во таа насока во следниот период ќе работиме на алоцирање на финансиските средства на министерството за внатрешни работи во оние сегменти каде има најголема потреба од тоа“, заклучи Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

