Македонија
Шабани во посета на училишта во Гостивар: Наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките
Заменик-министерот за образование и наука, Арафат Шабани, и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, денес беа во работна посета на две општински училишта со цел запознавање со актуелната состојба со реализација на наставата. Заменик-министерот Шабани посочи дека со воспоставениот начин на учење од далечина наставата успешно се спроведува и во време на пандемија. Во училиштата што ги исполнуваат здравствените протоколи се реализира настава со физичко присуство и таму доследно се почитуваат протоколите и мерките за заштита.
„Постојано расте опфатот на ученици што следат настава на далечина и повеќето од учениците ги следат часовите онлајн, без никакви тешкотии. Заеднички, во соработка со градоначалниците и директорите, тековно ги надминуваме предизвиците што ги создава здравствената криза“, рече Шабани.
И во вонредни услови процесот на организирано учење продолжува, а најголема заслуга за успешниот почеток на учебната година имаат наставниците кои со целиот свој капацитет се заложија за непречено одвивање на воспитноо-бразовниот процес. Она што во моментот е посебно важно е да се почитуваат протоколите и мерките за заштита и да се следат алгоритмите.
„Одговорност на МОН, директорите и наставниците е да има безбедни услови за одвивање на наставата во училиштата. Однесувањето надвор од училиштата е одговорност на родителите и учениците“, одговори Шабани на новинарско прашање. Тој уште еднаш повтори дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е одлука на Владата. Исто така, апелира за доследно почитување на мерките и одговорно однесување на сите.
„Мерките за заштита докажано функционираат, но мора доследно да се почитуваат од сите. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата“, укажа заменик-министерот Шабани.
Според градоначалникот Таравари, работната посета била искористена за подетален увид во спроведувањето на воспитно-образовниот процес во Гостивар.
„Со заменик-министерот разговаравме за сите предизвици што ги имаме поврзано со одвивањето на наставата во нашата општина. Соработката со МОН се одвива на дневно ниво и во од се решаваат сите потреби“, рече Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

