Македонија
Шахпаска: Наша задача е обезбедување подобри услови за живот за лицата со попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска се сретна со претставници на Здружението на лица со посебни потреби „СОС ВИТА“, од Скопје на која разговараа за постоечките решенија и поддршка на лицата со попреченост во нашето општество, но и унапредување на нивните права и услови со цел поголема вклученост во општественото живеење.
„Како дел од владината програма, а во насока на унапредување на правата на лицата со попреченост и овозможување на нивно подобро функционирање е и зголемувањето на додатокот за лицата со попреченост за 15% , но и овозможување на нивни пристап до сите институции до крајот на мандатот до 2024 година“ , истакна министерката Шахпаска.
Министерката информираше за последните измени со Законот за социјална заштита, дека покрај паричните права, се оди чекор понатаму, со давање социјални услуги на лицата со попреченост во нивниот дом, во нивната заедница, за што во тек е склучување на договори со 24 општини , како даватели на услуги.
„Наша задача и заложба е обезбедување подобри услови за живот на секој граѓанин, а тоа го правиме преку обезбедување помош и поддршка на оние на кои им е потребна и тогаш кога нив им е потребна“, рече министерката Шахпаска.
На средбата се разговараше и за социјалната реформа, која придонесе за унапредување на правата на лицата со попречености, но и на семејствата коишто се грижат за нив, односно траен надоместок за родител кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст без да го смести во институција, за родители коишто се невработени и не користат право на пензија.
При тоа, користењето на правото за попреченост, со новиот закон, се прошири со опфат лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголеми до 50% од просечната нето-плата.
Министерката посочи дека се работи и на ново законско решение кое ќе овозможи полесно вклучување на лицата со попреченост на пазарот на труд , преку проценка на неговата попреченост.
На крајот од средбата министерката Шахпаска ја изрази нејзината подготвеност и заложба за понатамошно унапредување и заштита на правата на лицата со попреченост, со цел нивно поуспешно интегрирање во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

