Македонија
Шахпаска: Сите експерти за човекови права да конкурираат за избор во комисијата за заштита од дискриминација
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ги повика сите оние што се стручни во областа на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата и ги исполнуваат законските услови, да се јават на огласот за избор на комисија за спречување и заштита од дискриминација, што Собранието е должно да го објави во рок 15 дена од стапувањето во сила на законот за спречување и заштита од дискриминација.
„Ги повикувам сите што имаат стручно познавање и искуство во делот на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата да се јават на огласот и низ транспарентен процес да бидат избрани најдобрите кандидати. Граѓаните тоа го очекуваат. Обезбедени се услови за создавање независна, професионална и ефикасна комисија за спречување и заштита од дискриминација, чија задача ќе биде заштита на граѓаните што се дискриминирани по кој било основ“, порача министерката Шахпаска по изгласувањето на законот.
Таа оцени дека овој закон е од исклучително значење за граѓаните и за државата, особено што сега јасно се дефинирани основите на дискриминација, вклучително и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, во согласност со меѓународните стандарди и европската регулатива.
„Концептот едно општество за сите подразбира почитување на различностите, борба против дискриминацијата, еднакви права и слободи за сите граѓани“, порача министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Стефковски: Гази Баба ќе субвенционира 100 отсто за стерилизација на домашни миленици
Општина Гази Баба започна со реализација на нова мерка за граѓаните, а тоа е субвенционирање за стерилизација на домашни миленици.
Од општината информираат дека е објавен јавен повик на кој граѓаните ќе имаат можност да аплицираат и да добијат субвенција за стерилизацијата на домашните миленици во висина од 100%, но не повеќе од 6000 денари.
За новата мерка, информираше градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во своја објава на социјалните мрежи во која напиша:
„Со задоволство сакам да објавам една нова мерка, а тоа е субвенционирање на граѓаните за стерилизација на домашни миленици. Ова е уште една мерка која ја реализираме како одговорна локална самоуправа во насока на системско решавање на проблемот со бездомните миленици на долг рок. Придобивките од стерилизацијата на милениците се многубројни и подеднакво важни како за здравјето на миленикот така и за околината. Стерилизацијата е најдобро решение за контрола и намалување на популацијата на бездомни миленици, а истовремено се намалува и нивната агресивност. – заклучи Стефковски.
Општина Гази Баба ги повикува граѓаните да аплицираат и да ја искористат можноста за добивање на субвенции.
Јавниот повик со условите е објавен на веб страната на општина Гази Баба.
Скопје
Промовирано ново возило за потребите на СОСУ „Илинден“ во општина Илинден
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на промоцијата на новото патничко возило на Средното општинско стручно училиште „Илинден“.
Санува збор за патничко возило (комбе), Опел Виваро за превоз на лица со капацитет до 8 лица за седење и ќе се користи за потребите на учениците и вработените на училиштето за патувања, за натпревари, екскурзии и сл. Покрај средното училиште возилото ќе се користи и за потребите на локалната самоуправа и образовните институции.
Градоначалникот Георгиевски кој го разгледа возилото заедно со директорот на училиштето Зоранчо Арсовски, истакна дека СОСУ „Илинден“ континуирано се развива и модернизира, со цел унапредување на образовниот процес, пришто учениците ги добиваат сите современи услови за квалитетна настава.
„Со набавката на ова возило се олеснува организирањето и патувањето на вработените и учениците за екскурзии, натпревари, семинари, работилници кои се одржуваат надвор од општина Илинден“, посочија од Општина Илинден.
Македонија
Муцунски во Прага: средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес е во работна посета на Прага, Чешка. Во рамките на посетата, тој утрово заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, а по средбата имаа свое обраќање на македонско-чешкиот бизнис форум.
Средбата со министерот Влчек се фокусираше на одличната економска соработка и интересот за нејзино понатамошно унапредување. Притоа, беше истакната важноста на досегашните состаноци на Мешовитиот комитет по Договорот за економска и индустриска соработка меѓу двете земји, како и размена на мислења за конкретни иницијативи и активности кои ќе придонесат за зајакнување на економските врски.
Во рамките на македонско-чешкиот бизнис форум, министрите Муцунски и Божиновска, заедно со чешкиот министер Влчек, ги претставија можностите за инвестирање во двете држави.
Презентирани беа иницијативите на македонската влада за подобрување на бизнис-климата, привлекување странски инвестиции и поттикнување на извозот. Дополнително, беа истакнати можностите за економска соработка и инвестициски проекти со цел земјава да стане следна дестинација за странски директни инвестиции, што ќе придонесе за засилено економско партнерство меѓу двете земји.