Македонија
Шаќири: Дигиталната писменост ја издигнавме во национален образовен стандард
„Интернетот е секојдневие на сè поголем број деца, а пандемијата речиси две години дополнително ги врза децата за дигиталните алатки. Масовната онлајн-изложеност на кревките личности, покрај сите придобивки, носи можности и за злоупотреби, закани, насилство и експлоатација, што го потврдуваат познатите случаи за кои јавноста дозна. Затоа е многу важно системски и организирано да ги заштитиме младите од демнечките онлајн-ризици и закани“.
Ова го изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната презентација на процената за безбедноста на децата онлајн за Северна Македонија, подготвена од Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), врз основа на ставови и искуства на деца и родители.
„Децата немаат заштитен ѕид, firewall, за онлајн-ризици и закани. Него мора да го изградиме ние како заедница, како системски одговор“, нагласи министерот додавајќи дека вакви сложени предизвици бараат ангажман од целото општество, вклучување како на владиниот така и на граѓанскиот сектор, на бизнис-заедницата, медиумите и на сите граѓани. Нема временски рамки, потребно е постојано внимание и подигнување на свесноста за онлајн-заканите, насилството преку интернет, сајбер-насилството и дигиталното вознемирување“, укажа Шаќири.
![]()
Министерството за образование и наука во рамките на реформата на деветолетката, особено внимание посветува на дигиталното образование.
Во согласност со новата концепција за основно образование, дигиталната технологија мора да се применува на начин кој им е од непосредна корист и добросостојба на учениците.
Дигиталната писменост е еден од националните стандарди за основното образование, што значи дека учениците стекнуваат знаења, вештини и ставови што им овозможуваат отвореност и познавање на можностите, но и замките на информациските и комуникациските технологии и на нивно креативно, критичко и одговорно користење за учење, за работа и за други лични и општествени активности во текот на образованието и во иднина.
„Дигиталната писменост ја вградуваме во наставните планови преку вклучување во повеќето задолжителни и некои изборни наставни предмети, како и со вклучување во воннаставните активности. Целта е учениците да умеат да ги користат информатичко комуникациските технологии за да дојдат до информации, да може умешно и ефективно да ги користат дигиталните алатки за решавање проблеми, споделување идеи, комуникација и соработка во училиштето и надвор од него. И што е најважно, сето тоа да го прават заштитувајќи се себеси преку етичко и безбедно користење дигитална технологија“, рече министерот за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

