Македонија
Шаќири: Учениците, родителите и наставниците за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска на прес-конференција информираше дека на негово барање, врз основа на препорака од Главниот координативен штаб, Владата вчера донесе одлука започнувањето на првото полугодие да се одложи до 1 февруари годинава. Согласно оваа одлука донесена врз основа на проценките од здравствените власти дека земјата се наоѓа во епидемиолошки пик со Ковид-19, учениците со физичко присуство во училиштата ќе се вратат на првиот ден од идниот месец.
„Со цел да го сочуваме јавното здравје и здравјето на нашите најблиски, повикувам на свесност и одговорност за да го спречиме ширењето на заразата. Апелираме до родителите, наставниците и учениците и за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од Ковид-19, во домашни услови и на отворено”, рече Шаќири.
Министерот истакна дека одлука нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за наставната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.
„За прилагодувањето на наставните планови согласно најновата владина одлука веќе сме во координација со директорот на Бирото за образование и наука”, изјави Шаќири.
Министерот информирмираше дека следниот период ќе се искористи за евалуација на системот за учење од далечина како и ефектите и постигнувањата од истиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

