Македонија
(Видео) Шекеринска во Аеродром: Ве повикувам да се сплотиме, не постои поголема лојалност од лојалноста кон својата земја
„Македонските граѓани секогаш биле обединети за тоа каде сакаат да ја видат својата земја, а тоа е во ЕУ и НАТО. На една страна е понудата да гласаме „за“ на 30 септември и да ја внесеме државата во ЕУ и НАТО, а на другата страна нема алтернатива. Обезбедивме договор што го гарантира македонскиот јазик, кој нè дефинира како тоа што сме – Македонци, кој ни дава шанса да се чувствуваме гордо заради иднината на нашите деца. Ги повикувам сите – не постои поголема лојалност од лојалноста кон државата, не постои поголема одговорност од одговорноста кон нашите деца. На 30 септември да гласаме како едно, обединети, за европска Македонија“, порача министерката Шекеринска на вечерашната трибина во Аеродром.

Таа рече дека светот и ги отвори вратите на Македонија бидејќи Македонија покажа дека знае каде да оди. Меркел, Столтенберг, Матис, Буш, ја дадоа својата поддршка бидејќи Македонија ја заслужи шансата да стане дел од најмоќните сојузи на светот, а сигурна Македонија значи сигурен Балкан. Но, тие не ја носат одлуката за Македонија, туку тоа треба да го сторат граѓаните. Не смееме да дозволиме оваа шанса да ни се лизне низ прстите. Македонија не смее да се кае, туку да носи одлуки што ќе нè направат силни, цврсти и моќни, рече Шекеринска.
Министерката истакна дека со истата увереност, знаење и труд, кои во 2005 година на Македонија ѝ го донесоа статусот кандидат за членство во ЕУ, ќе сработиме и ќе станеме 30-та земја членка на НАТО, рамо до рамо со најмоќните и најперспективни држави во светот. НАТО значи безбедност, а економските резултати секогаш одат заедно со членството во НАТО. ЕУ значи одлучување на иста маса, солидарност и можности. Ако денеска во Македонија дневно влегуваат 260.000 евра европски пари, Хрватска добива 3 милиони евра европски пари секој ден. Најпатриотски чин е да ја искористиме оваа шанса и да создадеме можности за нашите општини, бизниси и за нашите млади, рече министерката.
Таа одговори на сите прашања на трибината и повика да се прифаќа дебата со сите бидејќи аргументите се на страната на определените за европска Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

