Македонија
Шекеринска гостинка во домот на Медлин Олбрајт
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, при нејзината посета на САД, денеска оствари средба со поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.
Медлин Олбрајт, како што објави Шекеринска на социјалните мрежи, не е само жива легенда на американската политика, туку и гласен адвокат за демократија и човекови права.
„Некогашната државна секретарка на САД, прва жена на таква функција во историјата на САД, која одблиску беше инволвирана во случувањата на Балканот во 90-тите, ме прими во нејзиниот дом во Џорџтаун, кој е сведок на нејзиното богато политичко минато. Ме замоли да пренесам благодарност во Скопје за прифаќањето на евакуираните граѓани од Авганистан, кои работеа за невладини организации од САД.
Нејзиниот дом го напуштив со силни импресии и со чувство на почестеност што разговарав со важна фигура од врвот на светската дипломатија, чиј збор сè уште одекнува и тежи“, пишува Шекеринска на својот фејбук-профил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

