Македонија
Шилегов во Аеродром: Општината се развива со забрзано темпо

Маалските средби на СДСМ вечерва продолжија во Аеродром каде што градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, и новиот кандидат за градоначалник на општината, Александар Филиповски, се сретнаа со жителите на оваа скопска општина.
„СДСМ е убедлив фаворит на претстојните локални избори. Во изминатите четири години направивме многу, поставивме високи стандарди на одговорно, чесно и транспарентно водење на институциите. Затоа говориме за „Најдоброто за нашата општина“, посочи Шилегов.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека Аеродром е една од општините со најмногу важни капитални проекти.
„Со изградбата на булеварот АСНОМ и новиот мост на Вардар за граѓаните од Лисиче обезбедивме побрз излез према Центар и Гази Баба. Ги реконструиравме бул. Видое Смилевски Бато, улиците Февруарски Поход и Владимир Комаров, почнавме со реконструкција и пробивање на дел од Васко Карангелески при што оваа улица ја спојуваме со ул. Трета Македонска бригада каде што го решивме проблемот со стеснувањето кај пералната кој мојот претходник ни го остави во наследство. Булевар Србија и бул. Февруарски поход добија нови велосипедски патеки, а при крај е вело патеката на бул. Видое Смилевски Бато“, посочи Шилегов.
Во овој дел од градот, додаде, ги реконструиравме средните училишта Марија Кири Склодовска, Владо Тасевски и Димитар Влахов, а обезбедивме и прочистувачи за воздух за секоја училница.
Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Аеродром подигнати се над 47.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 3,800 садници.
„На местото на дивата депонија во Мичурин кај Железничка подигнавме нов парк, а крстосницата на бул. Јане Сандански со ул. Владимир Комаров доби два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Отворен Јавен повик за „Нож и виљушка на европска чинија“, да се поврземе со светот

По повод Меѓународниот ден на семејството 15 Мај, Општина Центар распишува Јавен повик за реализација на проектот „Нож и виљушка на европска чинија“, како дел од Годишната програма за култура на општината. Во рамките на овој проект, планирано е претставување на карактеристични производи од традиционалната македонска и европска храна.
„Ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на повикот за организирање на оваа веќе традиционална манифестација во срцето на Центар, во Паркот на франкофонија. Овој настан e можност за поврзување на различни култури, запознавање со европските гастрономски кујни и нивниот начин и стил на живеење”, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
„Право на учество имаат сите регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште на територијата на Општина Центар, кои имаат искуство во областа на културата, туризмот и маркетингот. За пријавата потребно е да се достават: опис на концептот, агенда, портфолио од досегашна работа, финансиска конструкција и соодветни документи (тековна состојба, доказ за искуство и активна сметка).
Учесниците е потребно да понудат двочасовна програма со низа активности насочени кон унапредување на меѓународната соработка, промоција на локалните производители и анимација на сите возрасни категории. Избраниот организатор ќе добие финансиска поддршка во износ до 300.000 денари. Крајниот рок за пријавување е пет работни дена од денот на објавата на веб-страницата на Општината“.
Македонија
Судот – мафија!, извика таткото на Кулакова по пресудата од 12 години затвор за Јованов

„Судот – мафија“ извика таткото на Фросина, Тодор Кулаков, по изрекувањето на пресудата за Васил Јованов.
На 20-годишниот Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин, денес судот му изрече затворска казна од 12 години.
Tој на 29 јануари, без возачка дозвола, управуваjќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин удри во Фросина Кулакова, која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.
Македонија
Дванаесет години затвор за Васил Јованов, кој ја усмрти Кулакова на пешачки премин

Судот изрече 12 години затворска казна за 20-годишниот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин.
Во образложението, судијката Снежана Марковска кажа дека при одлучувањето судот ги земал во предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности. Јованов доби и забрана за управување на возило од Б категорија во времетраење од пет години, а ќе треба и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка.
Во судската сала, беше присутно семејството на загинатата Фросина Кулакова, а нејзиниот татко извика „Судот-мафија“ по изрекувањето на пресудата.
Јованов претходно призна вина за сообраќајната несреќа, која се случи во јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Tој на 29 јануари, без возачка дозвола, управуваjќи возило со брзина од 91 километар на час под дејство на алкохол, на пешачки премин удри во Фросина Кулакова која ја минувала улицата на зелено светло. Кулакова од силината на ударот почина на самото место.