Македонија
Шилегов: Вчера загубивме голем човек, голем пријател

Во чест и сеќавање на Енвер Малиќи, денеска, со едноминутно молчење почна и се одржа онлајн-комеморативната седница, која беше пренесувана на фејсбук-каналот на Град Скопје. На комеморацијата од починатиот заменик-градоначалник на Скопје се простија членовите од неговото семејство, пријателите и соработниците.
„Со длабока тага и чувство на голема загуба вчера ја примив веста за смртта на мојот добар пријател Енвер Малиќи, заменик-градоначалник и успешен бизнисмен. Со неговото заминување изгубивме голем и искрен пријател, но и соработник, кој несебично го делеше своето обемно искуство во повеќе области. Бидејќи беше човек со ведар дух, со него лесно се разговараше на сите теми, па, така, често разменувавме мислења за развојот на локалната самоуправа, за економијата, како и за политички теми поврзани со земјата и регионот. Тие што го познаваа Енвер знаат дека тој од ништо не се плашеше и секогаш беше подготвен за нови предизвици. Енвер беше еден од највлијателните стопанственици во државата и затоа беше почитуван во бизнис-заедницата како успешен бизнисмен, но и како голем хуманист и филантроп. Нема зборови што може да му ја ублажат болката на семејството, кое доживеа ненадоместлива загуба, но изгубивме и сите ние што го познававме Енвер. Тој беше човек со големо срце и со разбирање за проблемите и потребите на своите сограѓани. Нека ти е светол патот, мој пријателе, и почивај во мир“, реле Шилегов на комеморацијата.
Во име на советниците на Советот на Град Скопје длабоко сочувство до семејството Малиќи изрази Бесник Ајети од ДУИ.
„Дозволете, во мое име и во име на колегите, да ви изразам длабоко сочувство по повод заминувањето од овој свет на најскромниот колега, бизнисмен и човек што некогаш сум го познавал, покојниот г. Енвер Малиќи. Несомнено, господин Енвер беше посебен во својата професија и пошироко. На овој почесен ден, духовно и во молитва сме заедно со семејството Малиќи. Нека е вечен споменот за него“, рече Бесник Ајети.
Денеска, во просториите на Град Скопје (пред влезот во кабинетот на градоначалникот, барака број 4) е отворена книга на жалост за прерано починатиот заменик-градоначалник Енвер Малиќи. Сите граѓани што сакаат да се запишат во книгата на жалост тоа ќе може да го направат од 11 до 16.30 часот до петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлогот на Мицкоски за оданочување на самците кореспондира со идеите од авторитарни режими, реагира Мрежата за заштита од дискриминација

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Според Мрежата за заштита од дискриминација, таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода.
Мрежата оценува дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина, го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности, ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи и не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост.
„Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Дополнително, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија“, велат од таму.
Според Мрежата за заштита од дискриминација, ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот.
„Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство. Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска“, велат од Мрежата.
Од таму ја повикуваат Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус.
Македонија
Утре многу топло време, од четврток заладување

Утре времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура насекаде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
В среда и в четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура.
Македонија
Ѓорѓиевски: 34 отсто од граѓаните живеат надвор од земјата

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска зеде учество на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“, организиран од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Демографските предизвици бараат здружен одговор од сите сектори – институции, општини, граѓански организации, но и секој поединец. Локалната самоуправа, како прв контакт со граѓаните, има клучна улога“, нагласи Ѓорѓиевски, додавајќи дека ЗЕЛС е подготвен активно да се вклучи во процесот.
Тој потсети дека демографскиот пад е сериозен – 34% од граѓаните живеат надвор од земјата.
„Младите заминуваат не само од економски причини, туку и поради слаба инфраструктура, недостиг на квалитетни услуги, недостаток на перспектива, или поради чувство дека институциите не работат за нив. Дел од нив се иселуваат и поради замор од постојани пречки – било домашни, било европски – на патот кон реализација на нивните соништа“, рече Ѓорѓиевски.
Во своето обраќање тој се задржа и на позитивните резултати кои се бежат во оваа сфера во Општина Кисела Вода .
„ Од аспект на градоначалник на Кисела Вода, сакам да назначам дека ние имаме позитивни резултати. Општина Кисела Вода во последните години бележи пораст на бројот на жители. Тоа е резултат на активни локални политики насочени кон задржување и враќање на младите. Но, мораме да бидеме свесни – не може и не смее целата држава да се потпира на неколку урбани општини. Преселувањето од внатрешноста кон градовите е само привид на раст – вистинскиот напредок се гради преку рамномерен развој на сите општини во државата“, рече Ѓорѓиевски.