Македонија
Шилегов: Зелениот коридор ќе ја чува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето на Серава
Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше на јавната презентација на основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Серава, која се одржа во салата на Советот на Град Скопје. Овој проект е изработен врз основа на студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец од 2017 година. Предмет на оваа студија беше да истражи кои се условите и можностите за воспоставување зелен коридор по должината на реката Лепенец, од клучката кај селото Орман до вливот во реката Вардар, како и по течението на реката Серава, од изворот до вливот во реката Вардар.
„Упатувам огромна благодарност до УНДП, ГИМ и до тимот експерти што го изработија основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Серава. Минатата недела го презентиравме основниот проект за зелен коридор на Лепенец, денеска го презентираме проектот за зелен коридор на Серава и со тоа сакаме да ја заокружиме оваа фаза од реализацијата на зелените коридори од оваа студија. Овие зелени коридори беа дел од мојата програма, кои влегуваат во фаза на реализација, а убеден сум дека во многу блиска иднина граѓаните ќе имаат можност да почнат да уживаат во она што денеска ќе биде презентирано“, рече Шилегов.
Тој појасни дека реката Серава, како поројна река, која во минатото предизвикувала проблеми со излевање, одамна е регулирана, делумно со канали, а делумно е водена под земјата.
„Нејзината улога во пренос на свежите воздушни маси од планината Скопска Црна Гора, каде што извира, е несомнена. Двете реки, за жал, се користат како реципиенти на отпадни и фекални води од домаќинствата и од производните објекти. Воспоставувањето на зелените коридори на овие две реки значи ставање крај на ваквото уништување на природните убавини со кои Серава и Лепенец може да го красат нашиот град. На одредени делници, покрај реките, се исфрла отпад, комунален и градежен шут, што значително ги девалвира вредностите на реките и нивните крајбрежја. Затоа, целта на овој проект е да се сочува автентичноста на природните вредности на крајбрежјето на Серава на начин на кој ќе бидат обезбедени посебни услови за одмор и рекреација на жителите од населбите низ кои минува оваа река. Јас многу не би навлегувал во стручниот дел од оваа презентација, повеќе сакам заедно да ја разгледаме презентацијата со цел да можете да ги поставите вашите прашања и да ни ги испратите вашите стручни коментари“, рече Шилегов.
Ваквите проекти, нагласи тој, не смеат да се реализираат паушално и набрзина зашто зелените коридори на Лепенец и на Серава се наследство што ќе им го оставиме на идните генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

