Македонија
Шилегов на состанок со Здружението „До бебе по патот на ИВФ“: Субвенции за ин витро оплодување
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, одржа онлајн состанок со претставници на Здружението „До бебе по патот на ИВФ“ на кој се разговараше за потребите и предизвиците на паровите кои се соочуваат со неплодност. Тој во својата програма за наредните 4 години веќе вклучи субвенции за млади брачни парови кои имаат желба за потомство преку ин витро.
„За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град“, кажа Шилегов на почетокот од состанокот.
„Имајќи ги предвид укажувањата од здружението за финансиското оптоварување на паровите кои поминуваат низ БПО (ИВФ) процедурите и заложбите за поддршка на овие корисници, јас како градоначалник знаејќи ги реалните потреби, истите ги инкорпорирав во мојата програма. Свесен сум и информиран што се вклучува постапката на ИВФ, каков психолошки притисок се предизвикува кај паровите во нивните напори да формираат семејство и затоа се заложувам да ги поддржиме нашите граѓани преку бесплатен четврти обид или покривање на дополнителната терапија која не е дел од поволностите на ФЗО“, истакна Шилегов во разговор со претставниците на здружението.
На состанокот се разговараше и за потребата од отворање на Центар за поддршка на паровите кои поминуваат низ ИВФ постапка преку што ќе се овозможи психолошка поддршка, семејно советување и стручно медицинска поддршка преку стручни лица од секој сегмент на ИВФ.
„Се очекува оваа соработка да продолжи со цел заедно да создадеме полесни услови за нашите сограѓани во реализација на посакуваното родителство. Оваа активност во делот на здравствената заштита е предизвик и за локалната самоуправа бидејќи проблемите на нашите сограѓани се и проблеми на институцијата која најдиректно се поврзува со потребите на жителите. Моја обврска како градоначалник е да се грижам и за здравствените потреби на граѓаните и така ќе продолжам и во иднина“, истакна Шилегов на состанокот.
Од Здружението изразија благодарност до градоначалникот за отворениот пристап и слухот за потребите на пациентите кои поминуваат низ ИВФ и очекуваат нивните барања да бидат реализирани.
„Нашите заложби за ИВФ поволности и проширување на субвенциите за ИВФ конечно некој ги слушна. Разговаравме за што побрза реализација на нашите барања, финансиските поволности и отворање центар за поддршка. Ова е многу важно за посреќни семејства и нови родители. Да се има можност секој пар и поединец да се оствари како родител по полесен и финансиски достапен пат. Од прашањето за наталитетот не смее да се бега, не смее да им се затвора вратата на луѓето кои имаат желба да станат родители. Сметаме дека треба да се изнајде решение за нас пациентите кој сме со ин витро. Да ни се помогне и олесни патот кој го чекориме, патот до единствената наша цел, да се оствариме и бидеме родители“, кажа Зоја Самандова-Петрушева, претседателка и основач на Здружение за хумана репродукција и биопотпомогнато оплодување – До бебе по патот на ИВФ Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

