Македонија
Шилегов: Не спиеме, Скопје ќе има автобуско метро
Скопје дефинитивно ќе има БРТ – Бас Рапид Транзит, објави синоќа градоначалникот Петре Шилегов.
Тој вели дека автобуското метро станува реалност годинава и дека екипите на Град Скопје деноноќно работат на овој скопски сон.
„Не спиеме ?, Скопје дефинитивно ќе има БРТ – Бас Рапид Транзит. Популарното наречено #АвтобускоMетро годинава почнува да станува реалност. Екипи на Град Скопје деноноќно работат на овој долгогодишен скопски сон ! Со Бас Рапид Транзит ќе овозможиме траса која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај“, напиша Шилегов на социјалните мрежи.
Шилегов додава дека ова е проект на Град Скопје, коj е финансиран од Владата, а обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, и со тоа и намалување на загадувањето во воздухот.
Не спиеме ?, Скопје дефинитивно ќе има БРТ – Бас Рапид Транзит ?.
Популарното наречено #АвтобускоMетро годинава почнува…Posted by Петре Шилегов on Monday, January 18, 2021
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.

