Македонија
Шилегов: Со развојот на инфраструктурата ги подигнавме цените на становите во Чаир и Бутел
Имавме идеен проект за клучката кај Момин Поток, која сега ја работиме, сообраќајно решение нацртано на хартија и продажба на земјиштето на „Лимак“ со обврска на „Лимак“ заедно со Градот да се изработи тој подземен тунел. Целата градежна документација, целото проектирање, тендерските постапки на градежната куќа што ќе го изврши дизајнот, односно проектирањето, се работи што ги завршивме во овие 4 години и тоа се сложени работи, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој потсети дека градежната дозвола за изработка на тунелот „Лимак“ ја потпишал во втората половина на 2018 година. Според Шилегов, проектот за тунелот беше во застој и по неколку координативни средби на Град Скопје со „Лимак“ и по речиси 6 години, се почна со реализација.
„Скопје не е веќе ист град. Недвижностите на луѓето во северниот дел на нашиот град во Чаир, во Бутел, па дури и зафрлените делови во Карпош, се покачени 30 %. Тоа се случува затоа што институцијата, конечно, го овозможува она што треба да го добијат граѓаните. Тоа е должноста на градоначалникот“, додаде Шилегов.
Според Шилегов, во Чаир 50 години никој не ја поставил основната инфраструктура по чиј основ може да се развива општината понатаму.
„Она што сега го правиме се гледа. Тоа е поставување основна инфраструктура. Кога ќе ја развиете основната инфраструктура, секундарната сама по себе има можност за развој. Она што јас го зборував како градоначалник го имаме дефинирано. Тоа се последните остатоци на османлискиот урбанизам. Тука треба да влезете во интензивен развој на инфраструктурата и тоа е процес што не е едноставен“, потенцира Шилегов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

