Македонија
Шилегов: Со системот за елиминација на огнови на отворено, направивме 524 интервенции за 2 години

„Во однос на борбата против загадувањето на воздухот многу е важно што на трите главни фронта – индустриската прашина, сообраќајот и затоплувањето на домовите, Градот Скопје веќе почна со имплементација на своите главни стратегии“, рече градоначалникот Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје, како одговор на советничко прашање.
Шилегов се осврна на неколку клучни активности.
„Кога зборуваме за јавниот превоз, веќе е почната постапката од Министерството за финансии. Успеавме како град да се избориме за финансиска поддршка со кредитно задолжување на државата и постапката веќе е во тек. Вчера имав и работен состанок со претставници на една од развојните банки која е подготвена да го поддржи овој проект со цел да влеземе во негова имплементација. Моите очекувања се дека тоа ќе биде видливо некаде кон крајот на идната година. Станува збор за стратешко решавање на проблемот со јавниот транспорт во нашиот град, имајќи предвид дека претходно системот за јавен транспорт бил фокусиран на релацијата исток – запад, односно Ново Лисиче – Ѓорче Петров. Тука имаме релативно квалитетна документација којашто сега може да послужи како основа за побрза имплементација. Она што паралелно го работиме ние како град и што на крајот на денот ќе го понудиме како целосен систем е решавање на релацијата север – југ, односно од Бутел до Кисела Вода. Линиите ќе се вкрстуваат некаде кај Црвен крст“, рече Шилегов.
Тој смета дека е на крај правниот лавиринт на односи Град Скопје, Влада, Регулаторна комисија, ПУИК и БЕГ и дека конечно претпријатието ќе успее да ја добие потребната лиценца.
„Ги побарав податоците од мерните станици во последните пет години. На пример, на мерната станица Гази Баба максимална среднодневна концентрација на ПМ10 во 2015 година била 329,7; во 2016 година – 340, во 2017 година – 299, а во 2019 година – 113. Максимална среднодневна концентрација на ПМ10 на мерна станица Ректорат во 2015 година била – 271, во 2016 година – 436, во 2017 година – 436, во 2018 година – 283, а годинава 134. Максимална среднодневна концентрација на ПМ10 на мерна станица во Центар во 2015 година била – 326, во 2016 година – 288, во 2017 година – 352, во 2018 година – 248, а во 2019 – 124. Максимална среднодневна концентрација на ПМ10 на мерна станица во Миладиновци во 2015 година била – 125, во 2016 година – 233, во 2017 година – 177, во 2018 година – 184, а во 2019 – 156. Во Миладиновци не можеме да бидеме толку активни, зашто немаме ингеренции. Максимална среднодневна концентрација на ПМ10 за Карпош во 2015 година била – 299, за 2016 година – 335, за 2017 година – 397, за 2018 година – 229, а во 2019 година – 120. Прерано е да зборуваме за тренд, ама во последниве две години имаме намалување на загадувањето. Јас ќе чекам да влеземе стратешки со решавање на сообраќајот и затоплувањето. Мислам дека тогаш ќе имаме уште поубави резултати. Не знам на што се должи оваа појава, ама знам што направил овој град откога јас го водам“, посочи Шилегов.
Тој појасни дека во 2017 година Инспекцијата за животна средина има извршено 159 инспекции, во 2018 година – 376, а во 2019 заклучно со 31 октомври – 431. Комуналните редари на Град Скопје, пак, во 2017 година извршиле 832 контроли, во 2018 година – 901, а во 2019 година – 1.528.
„Без систем, по случајност, кај огнови на отворено во 2017 година Градот има интервенирано во 56 наврати. Оваа градска управа воспостави целосно нов систем за елиминација на огнови на отворено, па во 2018 година имаме 251 интервенција, а во 2019 година – 273. Оваа година воведовме систем на бесплатно собирање отпад од стрништа и собравме 700 кубни метри биолошки отпад кој по правило претходно се палел. Битката со аерозагадувањето ќе ја добиете со намалување на бројот на загадени денови во текот на годината. Во последните две години имаме намалување на тие денови. На мерната станица Гази Баба број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во 2015 година бил 56 дена, во 2016 година – 62, во 2017 година – 49, а во 2019 – 27. На мерната станица Ректорат број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во 2015 година бил 47, во 2016 година – 69, во 2017 година – 66, во 2018 година – 76, а во 2019 година – 46. Број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност на мерна станица во Центар во 2015 година – 64, во 2016 година – 63, во 2017 година – 44, во 2018 година – 54, а во 2019 година – 31. Број на денови со среднодневни концентрации на ПМ10 над граничната вредност во Карпош во 2015 година – 55, во 2016 година – 64, во 2017 година – 54, во 2018 година – 60, а во 2019 година – 24. Свесен сум дека темата со загадувањето е на високо ниво на интерес, но и на загриженост кај секој од нас. Свесен сум и дека за дневнополитички потреби некој свесно стимулира и лажно прикажува ситуации кои ги нема во реалноста. Кога размислуваме за Скопје размислуваме за Скопје како што го познаваме во нашите административни граници. Но, тие граници не се аквариум. Затоа, апелирам до градоначалниците од опозицијата, особено во Илинден, Петровец и во Сопиште да преземат активни мерки против загадувањето. Ние како град сериозно се бориме против овој проблем и затоа треба да дејствуваме во скопската котлина зашто воздухот нема граници и сите општини во скопската котлина треба паралелно да влезат во оваа битка. Не мислам дека од оваа тема треба евтино политички да профитираме. Гарантирам дека оваа битка на среден рок ќе ја добиеме, овој град ќе има активна политика и нема да бега од проблемите“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.