Македонија
Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на панел-дискусијата по повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, што беше организирана од страна на ЕУ Делегацијата и американската амбaсада, а се одржа во ЕУ резиденцијата во Скопје.
Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека е потребно да зборуваме за чувствителните теми за да имаме реална слика за предизвиците на нашето заедничко општество. Таа истакна дека сите сме различни по разни основи, но сите живееме во еден заеднички дом – којшто сите имаме обврска да го градиме како отворено и демократско општество.
„Потребно е сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници. Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“, порача сопругата на Претседателот.
Ѓоргиевска во обраќањето ги посочи Истанбулската конвенција која дава широка рамка за подобри законски решенија, подигање на свеста, зајакнати капацитети на институциите и поголема соработка со граѓанскиот сектор и Законот за спречување и заштита од дискриминацијата како алатка кога станува збор за загрозување на правата на лицата на основа на сексуална ориентација.
Сопругата на Претседателот подвлече дека во справувањето со предизвиците добро е да се остварува соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, активистите, затоа што не секогаш ЛГБТИК+ лицата се чувствуваат комфорно за да зборуваат отворено или, пак, да се пожалат или пријават доколку сметаат дека некое право им е загрозено, доживеале дискриминација или преживеале насилство.
Ѓоргиевска рече дека развивањето на отворено и демократско општество е долгорочен процес и дека работите не се менуваат преку ноќ, но посочи дека со заеднички труд ќе успееме да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди во кое ранливите сограѓани ќе бидат заштитени.
На настанот свои обраќања имаа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Кејт Мери Брнс, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и активисти за правата на ЛГБТИК+ лицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бала: Можно е нареднaта недела да се одржи Првата меѓувладина конференција на Македонија и Албанија со ЕУ

Координаторот на пратеничката група на социјалистите (партијата на Еди Рама) Таулант Бала, по средбата со чешкиот амбасадор во Тирана, Карел Урбан, на својот Фејсбук профил објави дека е можно, наредната недела да се одржи Првата меѓувладина конференција на Македонија и Албанија со ЕУ.
„Се согласивме за фактот дека Западен Балкан мора да остане приоритет на Европската Унија за да овозможи продолжување на длабоките и трансформациони реформи започнати во рамките на процесот на интеграција. Со амбасадорот ја споделивме добрата вест од Брисел за можноста следната недела да се одржи Првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија“, има напишано Бала на социјалните мрежи.
Македонија
Мицкоски: Владата да го објави предлогот, да не го крие

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара новиот француски предлог веднаш да биде објавен на страната на Владата.
„Барам веднаш без криење ако е добар толку овој предлог да го објави веднаш на нејзината електронска страница. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати решение штетно за народот и за Македонија“, рече Мицкоски.
Кажа дека за ВМРО-ДПМНЕ предлогот кој првично беше објавен беше отфрлен и ништовен за неговата партија.
„Ова е дебакл“, посочи Мицкоски.
„Напоменуваме дека сето она што се случуваше изминатиот период од Владата која го лажеше народот дека не е запознаена со предлогот, се со цел како денеска со нарачани реченици во медиумите се обидува да создаде впечатокз за голем триумф. Овој модифициран предлог за кој се говори го немаме видено, ниту истиот сме го прочитале. Но можеме да кажеме врз основа на информациите кои ги имаме тој не е ништо друго освен два различни збора од првиот предлог. Ако претходно имавме нокаут за македонската дипломатија сега имаме нокаут со продолжено дејство“, оценува тој.
Предлогот како што прецизира е неприфатлив и кажа дека има сомнителни работи и дека се работи за дипломатски нокаут.
„Овој предлог веднаш беше прифатен од Петков и Радев. Во државата нема влада и парламент, за моменталниот мандатар и актуелниот претседател истиот овој модифициран предлог е одлично решение и веднаш го прифатија“.
„Се чудам од каде знае Еди Рама дека овој предлог е прифатлив за Македонија и за македонскиот народ а македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ не го знаат? Од каде Рама ја има информацијата а ние со граѓаните ја немаме?“, праша Мицкоски.
Третата причина зашто сметам дека е нокаут, е зашто СДСМ и ДУИ имаат традиција на предавство, зато што предлогот го кријат наместо да ја запознаат јавноста“ додава Мицкоски.
Ни се подготвува асимилација, го повикувам народот на будност, немојте да верувате на тоа што ќе ви го кажуваат, барајте да го видиме документот на виделина“, дециден е Мицкоски.
Македонија
Ковачевски: Историските прашања не се дел од францускиот предлог

„Францускиот предлог е стигнат после нашата интервенција во Брисел и нашата реакција на драфт-документите. Официјалните ставови ќе ги поминат филтрите на сите засегнати институции, ќе следи широк консултативен процес со владината коалиција, а потоа со претседателот, парламентит, како и со севкупната јавност. Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме план и стратегија која дава резултат“, истакна на денешната прес конференција премиерот Димитар Ковачевски во врска со најновите случувања околу спорот со Бугарија и францускиот предлог.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека предлогот во моментов е на анализа во Министерството за надворешни работи.
„Историските прашања не се дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ. Шефот на дипломатијата Османи од утре ќе има консултации за детали со медиумите“, рече Ковачевски.
„Апелирам до сите политички актери и медиумите да се воздржиме од шпекулации и да се потпираме на официјални информации“, изјави Ковачевски за денеска пристигнатиот француски предлог до Владата.
Упати јавна благодарност до сите кои, како што рече, беа конструктивно вклучени во процесот досега.