Македонија
Ѓорчев: СДСМ и Зоран Заев го штитат Курто Дудуш во сите негови насилства

„Денеска имаме ново продолжение, каде што Курто Дудуш спрема претепаното лице упатува навреди, закани и омаловажување со говор на омраза. Имаме цела низа и цела композиција на однесување, кое е крајно загрижувачко. Јасно е дека има киднапирања, претепувања и катастрофално однесување“, изјави Влатко Ѓорчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Според него, во јуни минатата година имавме директна изјава од Зоран Заев, кој самиот рече дека ако се потврди случајот со Курто Дудуш, лично ќе му побарал оставка. Случајот со Курто Дудуш не само што се потврди туку тој се повторува и на дневна основа, а гледаме дека нема никаква реакција.
„Пораката е повеќе од страшна. Ќе ги кажам работите во композиција, кои се однесуваат на Курто Дудуш. Курто Дудуш како пратеник директно пред камери рече дека членската книшка на СДСМ е нова лична карта, нова возачка дозвола и дека со членската книшка на СДСМ ќе се добива социјална помош.
Курто Дудуш како дел од својата кампања е посредно и непосредно поврзан со претепувањето и кршењето череп на својот противкандидат за време на локалните избори. Курто Дудуш во својата канцеларија како градоначалник на СДСМ претепа и киднапира лице, сега со истото лице се исмева, на истото лице му се заканува. Каква е реакцијата? Нема реакција, туку, напротив, тој е заштитен од Зоран Заев и СДСМ, а Оливер Спасовски го посетува во неговата канцеларија. Значи, пораката од ова е повеќе од јасна.
СДСМ ги заштитува насилниците. СДСМ ги заштитува оние што се изживуваат врз луѓето, нема никакви последици врз нив, а напротив, тоа голем ризик и за претстојните парламентарни избори. Луѓето како Курто Дудуш и Зоран Заев треба да си заминат. И двајцата треба да си поднесат оставка и Македонија треба да биде нормална земја. Ова не се случува и не е нормално да биде редовна состојба и несанкционирана во кое било демократско општество“, вели Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.