Македонија
Ѓорѓиевски: Покрсти ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место Покрсти, кое набргу се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата Покрсти го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење бидејќи токму по патеката Покрсти секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ПРП терапијата за пациентите од пожарот во „Пулс“ е достапна во Кочани, нема да мора да патуваат до Скопје

Десет лица повредени во трагедијата во „Пулс“, за првпат во болницата во Кочани, биле третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити), соопшти вечерва директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Интервенциите ги извел тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно 9 лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје.
„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, напиша Клековски на социјалните мрежи.
ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа.
Македонија
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го држат градот во заложништво

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.
Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.
„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.
Тој се осврна и на Трајко Славески, за кој рече дека како претседавач со Советот, не придонел со ништо за Скопје, но сепак бил награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.
Македонија
Во Кочани ќе се гради споменик во помен на загинатите во „Пулс“

Собеанието со амандман обезбеди 2 милиони денари (околу 32.000 евра) како првични средства за идејно решение и отпочнување на активности за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс”. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Ова барање, како што истакнува пратеникот, е координирано со родителите на настраданите и произлегува заедничката желба, макар само дел од болката да се преточи во достоинствено сеќавање, а трагедијата да не се заборави.
Споменикот според планот ќе биде поставен во централното градско подрачје, и ќе биде тивок сведок на болката, но и силна порака за солидарност, сеќавање и обврска да не дозволиме ваква трагедија никогаш повеќе, вели Лефков.
Упати благодарност до Владата што го прифатила амандманот, и до колегите пратеници што ја дале својата поддршка.