Македонија
Ѓорѓиевски: Ретките болести не смее да значат невидливост
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на ретките болести, во организација на Националната алијанса за ретки олести на Република Македонија. На настанот присуствуваа и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, претседателот на Комисијата за ретки болести, д-р Злате Стојановски, како и претседателката на Националната алијанса за ретки болести, Наташа Ангелковска.
„Денес, 28 февруари, се приклучуваме кон глобалната иницијатива за подигнување на свеста за лицата со ретки болести. Ова не е само симболичен ден, туку и потсетник на нашата заедничка одговорност да градиме инклузивно општество во кое секој има еднакви можности и пристап до потребната грижа.
Како градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС сакам да изразам длабока почит кон сите семејства, медицински професионалци и здруженија, кои секојдневно се борат за подобри услови за живеење и пристап до здравствени услуги за овие лица. Нивната посветеност е клучна за создавање поголемо разбирање и прифаќање во општеството. Ние сме свесни за тоа колку е важно да се создадат политики што ќе ги подобрат условите за живеење на лицата со ретки болести, како и да се обезбеди пристап до неопходни лекови, терапии и поддршка. Преку нашите иницијативи и во соработка со други институции и здруженија, ќе продолжиме да работиме на зајакнување на правата на овие лица и да им обезбедиме пристап до сите услуги што им се потребни за достоинствен живот.
Во насока на поддршка, Општина Кисела Вода веќе трета година обезбедува канцелариски простории за здруженијата што се посветени на лицата со ретки болести. Овие простории, сместени во рамките на општинските објекти, овозможуваат полесен пристап до поддршка и директна соработка со институциите.
Ретките болести не смее да бидат невидливи. Да останеме солидарни и посветени на создавање општество што прифаќа, поддржува и обезбедува достоинствен живот за секого“, истакна претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски,
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

