Македонија
Јакимовски: Сите кои поддржуваат промена на Уставот, одговорете им на граѓаните дали Македонците се нација од 1944 година
Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, денеска оствари средба со граѓаните на Гостивар.
Иселувањето е главен проблем и во Гостивар, како и во цела Македонија, заклучи Јакимовски кој порача дека „младите се иселуваат затоа што не сакаат функционерите да виткаат кичма, како што тоа го правеа досега“.
Дополнително, уште еднаш нагласи дека е за продолжување на интегративните процеси на Македонија, но истовремено македонските граѓани сакаат да живеат во нормална и просперитетна држава.
„Далеку од тоа дека ние не сме за интегративни процеси, напротив ги поддржуваме, но во исто време ние сакаме нормален развој, како секоја нормална држава и ние сакаме респект кон Република Македонија и кон нејзините граѓани, како што тоа доликува на секој народ. Не може на македонските граѓани сѐ да им се наоѓаат нови и нови причини и нови и нови пречки за да се опструира нашиот влез во Европската унија“, истакна Јакимовски.
Порача дека е против внесување на Бугарите во македонскиот Устав и постави три прашања до сите политичари и претседателски кандидати кои велат дека ќе поддржат уставни измени.
„Кажете им на граѓаните, дали Македонците се нација од 1944 година, дали македонскиот јазик е нарчеје на бугарскиот јазик и дали Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски дејци, Димо Хаџи Димов и така натаму, се македонски дејци или се Бугари по род како што тоа го тврди бугарската историографија?“ – праша Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на јавни обвинители, исто како и Судскиот совет, изврши класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители, вели Лефков
Советот на јавни обвинители, исто како и Судскиот совет, изврши класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Советот на јавни обвинители, наместо за член на УО на Академијата да назначи јавен обвинител, тој назначил свој член, директно кршејќи го чл. 44 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси со кој се забранува избрано или именувано лице да биде во орган на управување во државен орган или лице кое располага со државен капитал. Советот на јавни обвинители за член на УО на Академијата ја назначил Душица Димитриеска, која е претседател на Советот на јавни обвинители.
Советот на јавни обвинители, не смеел да ја назначи својата претседателка за член на УО на Академијата за судии и обвинители.
Душица Димитриеска, покрај тоа што е претседател на Советот на обвинители е и во тесна врска со СДС. Имено нејзината ќерка Ема Нешкоска е член на Советот на општина Гостивар од редови на СДС, а беше и кандидат за пратеник од редовите на истата на последните парламентарни избори.
Советот на јавни обвинители исто како и Судскиот совет продолжуваат да работат на уривање на правосудството и имиџот, односно угледот на истото кај граѓаните.
Го повикуваме Советот на јавни обвинители да го отповика својот предлог за УО на Академијата. Во спротивно колективно го крши законот, за што треба да има одговорност“, изјави Лефков.
Македонија
Почна доделувањето ваучери за инвертер клима-уреди
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е почнато доделувањето ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди, наменети за домаќинствата кои ги исполнуваат критериумите на јавниот повик, објавен на веб-страницата на Министерството за економија на 1 февруари 2024. Согласно Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2024 година, се доделуваат над 6000 ваучери за инвертер клима-уреди.
-Списоците на избрани корисници, како и списоците на правни субјекти со кои Министерството има склучено договор за реализација на ваучерите, се објавени на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини https://www.ea.gov.mk/. Овие информации се јавни и достапни за сите заинтересирани. Со цел појаснување на процесот, важно е да се напомене дека конкурсот и изборот на корисниците беа управувани од Министерството за економија, кое беше надлежно и за евалуација и за конечниот избор на граѓаните кои ги исполнуваат условите, како и избор на правните субјекти каде граѓаните ќе можат да ги искористат овие ваучери. По направениот избор, Министерството за енергетика ја презеде обврската за организирање и спроведување на доделувањето на ваучерите. Овој обемен процес е успешно координиран од тимот на Министерството, обезбедувајќи навремено доделување на ваучерите пред почетокот на зимската сезона, информира Министерството за енергетика.
По објавата на списоците, како што посочува, почнале со дистрибуција на ваучерите до општините. Тие ќе може да се подигнат во специјални регионални канцеларии кои се отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе биде дополнително објавено на веб-страницата на Министерството.
-Граѓаните можат да ги искористат ваучерите за набавка на инвертер клима-уреди најдоцна до 30 ноември 2024. По овој датум, неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки. Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари, наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Македонија
Во знак на длабока жалост зградата на општина Струмица светна во боите на српското знаме
Во знак на длабока жалост, солидарност и поддршка синоќа општинската зграда ја светнавме во боите на српското знаме, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Во објавата на неговиот фејсбук профил се наведува дека Струмица и струмичани сочувствуваат со неизмерната болка и тага на семејствата на загинатите и повредените во големата трагедија во Нови Сад.
– Ваква трагедија никогаш да не се повтори. Во овие тешки мигови, нашите мисли се со семејствата на настраданите, кои загубија свои блиски и се соочуваат со незамислива загуба. Им изразувам најискрено сочувство и поддршка, надевајќи се дека ќе најдат сила за да ја пребродат оваа трагедија, напиша Костадинов.