Македонија
Јаневска: Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници, ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште
Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Таа кажа и дека во подготовка се нови концепции за гимназиско и за уметничко образование, по што ќе следат нови наставни програми, нови учебници, нови испитни програми за државна матура, а кога ќе се сумираат искуствата, ќе се донесе нов Закон за средно образование.
„Во високото образование, кое има ниска ефикасност мерена преку проодноста и навременото завршување на студиите, ќе се зајакнат механизмите за обезбедување квалитет согласно европските стандарди, преку унапредување на агенциите за евалуација и за акредитација, а универзитетите треба да се насочат кон подобрување на релевантноста на студиските програми“, рече Јаневска.
Таа кажа дека квалитетното образование се темели на добри наставници.
„Можете да имате најдобри наставни програми и најсовремено опремени училници, но ако нема добар наставник што нив ќе ги оживее, нема квалитетно образование. Затоа Педагошкиот факултет има незаменлива улога како образовна институција“, нагласи Јаневска.
Во рамки на факултетот функционираат три институти: за предучилишно образование, за одделенска настава и за библиотекарство, а се реализираат студии од прв, втор и трет степен.
Министерката Јаневска посочи дека за новата реалност обликувана од дигиталната трансформација и технолошките иновации потребни се наставници кои уште во раната детска возраст ќе постават цврсти основи за учење, знање, размислување, социјални и други вештини, што подоцна, низ воспитно-образовниот процес, ќе се развиваат и усовршуваат.
„Реформирајте ги постоечките програми. Одборот за акредитација ќе ве поддржи, а тој за евалуација ќе ви помогне да ги согледате предизвиците. Треба сите сегменти на системот на образование брзо да ги подобруваме, ако сакаме да го подигнеме квалитетот. Треба да ги зајакнеме капацитетите на воспитувачите и одделенските наставниците, а Педагошкиот факултет треба да се вклучи во процесот на нивна обука и професионален развој“, укажа министерката.
На панел дискусијата организирана по повод јубилејот, министерката Јаневска рече дека нашето образование во целина има простор за подобрување, и за таа цел во тек се реформи кои опфаќаат и промена на наставните програми и обуки за наставниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација
Македонија
ВЛЕН: Ѓоко Ристов заедно со судијата Енвер Беџети го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков
Веста дека кај судијата Ѓоко Ристов се најдени 350 илјади евра пари осомничени за корупција не е само индивидуален скандал. Оваа вест уништува дури и последната доверба што граѓаните ја имаа во правосудниот систем, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„ВЛЕН е убеден дека ова не е изолиран случај, туку врв на ледениот брег на еден скапан систем, кој со години ги штити силните, а ги угнетува обичните граѓани. Она што ја прави ситуацијата уште поалармантна е фактот дека Ѓоко Ристов не е непознато име за правдата. Напротив. Тој, заедно со судијата Енвер Беџети, сега прогласен за нон грата, беа и дел од судските одлуки што го отворија патот за слобода за Сашо Мијалков, симболот на заробената држава, кој денес слободно вози Ферари во Монако“, рече Сулејмани.
Тој потсети дека Енвер Беџети бил санкциониран како нон грата заедно со бегалецот од правдата, исто така нон грата Артан Груби, токму врз основа на сомневања дека влијаеле врз одлуките што му овозможиле на Сашо Мијалков да ужива во слободата и да го троши своето богатство.
„Ако некој мисли дека ова се случајности, тогаш не разбира зошто граѓаните се револтирани. Затоа, денес поставуваме неколку конкретни прашања: во колку други случаи биле вклучени Ѓоко Ристов и Енвер Беџети? Во колку случаи биле дел од одлуки за притвор, финансиски гаранции или одложувања на постапките? Кои конкретни одлуки доведоа до ослободителни пресуди и избегнување на одговорност за моќници? Главното прашање што останува е кој ги држел овие луѓе на овие позиции толку години и зошто?“, рече Сулејмани.
Тој кажа дека потребни се целосни и независни истраги, конкретна одговорност, со имиња и презимиња и радикално чистење на систем скапан до срж.
Македонија
ТИТАН Усје: Работиме согласно законот, неоснованите обвинувања се тенденциозни и не придонесуваат кон изнаоѓање на одржливи решенија
ТИТАН Усје е одговорна компанија која, во сите сегменти од своето работење, работи согласно домашната регулатива. Kомпанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и применува технологија идентична со најдобрите компании од цементната индустрија во Европската Унија, велат од компанијата.
„Како конструктивен дел на заедницата, ТИТАН Усје целосно ја разбира загриженоста за квалитетот на воздухот во Скопје, но смета дека нападите кон нејзиното работење, кои не се темелат на аргументи и податоци, се некоректни и тенденциозни, и воедно не придонесуваат за изнаоѓање на вистински одржливи решенија за ваквата состојба. Во интерес на вистината би сакале повторно да ги истакнеме фактите дека ТИТАН Усје целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни. Имено, согласно домашната регулатива, која во овој сегмент е идентична со онаа на Европската унија, ТИТАН Усје како компанија носител на А-интегрирана дозвола, е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни. Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува ТИТАН Усје се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што, како што се наведува, е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
„Сите независни студии укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено. Како компанија која во целост работи согласно утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме во сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа секогаш ќе инсистираме на соработка и дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став – изворите да се бараат на вистинските места“, велат од комшанијата.

