Македонија
Јаневска: Сите имаме обврска да помогнеме во задржувањето на младите во Македонија
„Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетика на која се дискутираше за извештајот на Државниот завод за ревизија по однос на ефективноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри.
„Нам ни е потребен квалитетен образовен систем и за таа цел, со универзитетите веќе говориме за промени кои, меѓудругото ќе значат и осовременување на студиските програми, за да бидат интересни за младите. Дополнително, образованието мора да биде усогласено со потребите на пазарот на трудот и затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига“, рече Јаневска.

Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија.
„Ќе ги споменам и шангајските стипендии. Тие беа мерка во стратегијата, но очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат. Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување и така натаму.
Министерката истакна и дека младите треба да добијат повеќе можности за учество и развој на науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал. Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите од Македонија со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.

„Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука“, додаде Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

