Македонија
Јанушев: Главен мотив на новата влада предводена од ВМРО-ДПМЕ ќе биде враќање на гордоста на Македонецот
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 3, денеска беше во посета на спомен-куќата на Кочо Рацин, еден од најголемите македонски револуционери и основоположник на модерната македонска поезија и литература. Јанушев рече дека како велешани се горди што биле во домот на Коста Солев Рацин, човекот кој преку своето дејствување во целиот свој живот бил носител на авангардата на револуционерната идеја и се борел за македонштината, за Македонецот, за сопствена држава.
„Впрочем, сè она што денеска во оваа кампања ние како ВМРО-ДПМНЕ го нудиме пред граѓаните, покрај сè она што го планираме како проекти во инфраструктурата, земјоделието, економијата и финансиите, здравството, образованието и сè друго, нешто што ќе биде секако во фокусот по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е враќање на гордоста на Македонецот, враќање на македонското национално достоинство“, истакна Јанушев.
На 15 јули, додаде тој, ќе потврдиме дека доаѓаат подобри денови за секого кога ниту еден граѓанин нема да биде заборавен.
„Она што се обидуваат да го направат го прават од очај бидејќи се свесни дека губат, тлото под нозете им е изгубено, компасот не само што им покажува погрешна насока туку би рекол дека воопшто го немаат, се обидуваат да ме дискрeдитираат или да влијаат на граѓаните преку нарушување на моите чест и углед. На крајот од денот, ако сум направил нешто, нема да стојам тука каде што сум. Исто така, имам да им порачам дека една година се противеа и не го носеа законот за потекло на имот на политичарите, а тоа ќе биде еден од приоритетите по формирањето на новото парламентарно мнозинство и владата предводена од ВМРО-ДПМН. По тоа ќе видиме кои од политичарите, дали Љупчо Николовски и Зоран Заев ќе бидат на политичката сцена“, порача Јанушев.
Тој од Велес додаде дека следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ се обврзува на реализација на следните проекти: зголемувањето на платите за 25%, зголемувањето на пензиите за 20%, гасификација до секој дом за сите граѓани, обновите на фасадите со енергетски и ефикасни фасади каде што државата ќе го покрива половина од трошокот, целосна реконструкција на велешката општа болница, автопатот Скопје- Велес-Прилеп-Битола до границата со јужниот сосед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

