Македонија
Јорданов: На Божиновски му дадов 5 илјади евра за услуги, потоа ми бараше уште повеќе

Бизнисменот Минчо Јорданов на денешното рочиште во кривичниот суд за случајот ,,Шпион” рече дека на новинарот Зоран Божиновски му дал 5 илјади евра за истражување и набавка на информации од неколку компании за кои бил заинтересиран да ги откупи, а новинарот, иако не завршил никаква работа, му побарал уште пари велејќи дека вложил голем труд во истражувањето на сопствеништвото и соработниците на фирмите.
,,Потребни ми беа податоци за фирмите, беше време на приватизација и бев заинтересиран за одредени фирми и нивните соработници. Ми го посочија Божиновски како човек кој врши истражување и анализи, не се сеќавам кој ми го кажа, најверојатно некој мој пријател. Веднаш му дадов 5 илјади евра, но по 3 месеци без никакви резултати се сретнавме во една кафеана каде му кажав дека сакам да прекине нашата соработка, а тој ми побара да му доплатам уште пари”, вели Јорданов.
Оваа соработка, за која Јорданов и Божиновски немаат потпишано никаков договор, како што вели Јорданов, се случила по 2010 година.
Откако била прекината соработката, по раскажувањето на Јорданов, Божиновски на својот портал почнал да објавува невистини и афери за Јорданов меѓу кои и аферата за нелегална продажба на органи.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков: Шоферот на Заев уапсен за подметнување пожар во Струмица

Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар, изјави Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, додаде тој, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност?
„Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашањето не само дали, туку колкумина се дел од организирана структура и мрежа на пиромани“, праша Лефков.
Тој го повика Филипче, ако не стои заедно со Заев зад потпалувањето на пожарите, јавно да се откаже од него, наместо да биде негов потрчко и извршител.
Лефков рече дека според информации на партијата шоферот на Заев подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
„Ова е доказ дека пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата. Крајната цел како што кажавме веќе била да се обвинат институциите дека не можат да се справат со пожарите“, рече Лефков.
Тој ги повика институциите да го казнат со најстрога казна шоферот на Заев, но во исто време да истражат до каде води линијата на наредба.
„Очекуваме од јавното обвинителство да не го штити шоферот на Заев. Одговорност мора да има, како за потпалувачите на пожарите, така и за нивните политички ментори“, рече Лефков.
Македонија
Мицкоски: Проектот за студентските домови, конечно, излезе од лавиринтите на бирократијата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска при посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје изјави дека рехабилитацијата на студентските домови е значаен проект кој долго време бил заглавен во лавиринти, процедури, но сега конечно се реализира.
„Ова е многу значаен проект, не само за овој студентски дом, туку генерално за сите. Конечно е одглавен. За нас е важно да се заврши и младите луѓе да добијат повеќе од добри услови за сместување“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека според она што го видел на терен, разликата во однос на претходната состојба е огромна, и изрази надеж дека студентите ќе почнат да се вселуваат веќе следната година.
„Нашата цел како Влада е реализација на проекти и реформи, бидејќи тоа го очекуваат граѓаните. Да градиме, а не како во минатото кога се крадеше ужасно многу“, изјави премиерот.
Македонија
Мицевски: Дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена

Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на седницата за интрпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.
Таа борба, додаде тој, не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта.
„Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена“, рече Мицевски.
Поддршката што тој ја доби не ја оправда, додаде тој.
„Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата. Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност“, рече Мицевски.