Македонија
ЈО да истражи во чии џебови завршија три милиони евра повеќе од предвиденото за набавка на уред од МЕПСО, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС и ДУИ се симбол за криминал, корупција, скандали, злоупотреби на службените должности и овластувања за лично богатење на поединци во нивните редови и лица блиски со нив“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владеењето на СДС и ДУИ е забележано со бројни криминални и корупциски скандали, таков е последниот во МЕПСО каде постојат сомнежи и индиции за злоупотреба на три милиони евра пари на граѓаните. Компанијата, под водство на лица од овие партии, склучила договор за набавка на уред за три милиони евра поскап од предвидениот План за развој, кој самите го донеле.
Под водство на Зуди Енуз од, така наречениот, фронт на ДУИ и поставен од СДС, во јуни годинава МЕПСО склучил договор со албанска фирма „Шанси Инвест“ за набавка на уред за корекција на напонски профил на трансформаторска станица. Во Планот за развој на електро преносниот систем на МЕПСО 2021-2030 година, буџетот предвиден за уредот за корекција изнесува 2.8 милиони евра, а во договорот склучен со оваа фирма истиот уред изнесува 5.864 милиони евра, што е за три милиони евра повеќе од планираното.
Дополнителен загрижувачки факт е што на овој тендер албанската фирма Шанси Инвест учествува со Далековод АД Загреб, која е фирма за производство на таквиот вид на опрема и која се јавува како поголем партнер во конзорциумот.
Од сето ова се покренуваат сомнежи за улогата на албанската фирма кога истата опрема доаѓа, можела да се набави и да биде монтирана директно од фирмата производител. Дали Шанси Инвест е фирма која послужила за вадење на профитот од над 3 милиони евра повеќе од планираното?
Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да отвори случај и да истражи во чии џебови завршила разликата од три милиони евра“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.