Македонија
Љутков: Костадиновска Стојчевска не ги објавува имињата на членовите на комисиите кои се потпишале на скандалозната програма без концепт и стратегија

Втор ден од објавената Годишна програма, а реакциите не стивнуваат, рече на денешната прес конференција Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Веќе втор ден министерката не ги објавува имињата на членовите на комисиите кои се потпишаа на скандалозната програма без концепт и без стратегија, веројатно поради големите реакции во медиумите и на социјалните мрежи, претпоставувам дека и тие самите молат да не се објавуваат нивните имиња, рече Љутков
Втор ден по ред, министерката не ги обзнани стручните комисии, кои таа во својата ФБ објава ги глорифицираше до таа мера, што напиша, цитирам: „Пристигнатите пријави ги разгледуваа стручните комисии кои според нивните извештаи без двоумење поддржаа проекти кои ги оценија како креативен блесок“. Под превезот на оваа суптилна реченица, министерката всушност несмасно се обидува да ги промовира проектите зад кои стојат тотално новокомпонирани лица во културата, поддржани со неразумни средства, народни пари!, продолжи Љутков.
– Министерката мора да одговори, како овие „нови креативни блесоци“ беа валоризирани од тајните комисии, кои стручно и компетентно расфрлаа енормни средства. Врз основа на кој критериум се најдоа на листите на проекти од прва категорија?
Дали за сметка на долгогодишните фестивали кои беа во прва и втора категорија во 2022 и 2023 година, сега се оценети во четврта, со одобрени средства еднакви за едночасовен концерт на млад музичар… додека на пример Здружението за култура, уметност, спорт и рекреација АРТАЛ од Тетово за Меѓународен фестивал „Меридианс“ (6- та едиција) од 300.000 денари во 2023 година, годинава за реализација на 7-та едиција му се одобрени пет пати повеќе, односно 1.400.000 денари. Ова ли се тие проблесоци на комисиите кои веројатно беа заслепени од сјајот на новите креативности под диктат на СДСМ и ДУИ?, рече Љутков.
Презентираните 14 милиони евра, како директни вложувања во културата, не можеме да ги препознаеме од понудената Годишна програма, рече Љутков и ја повикува министерката јавно да ја разреши оваа непознаница и тоа: Колкави се буџетите за секоја дејност одделно споредбено со лани и колку средства се распределени за проектите во секоја дејност?!
Меѓу многуте прашања кои имам да ги поставим, а се премногу за овој прес, денес ќе се осврнам на неколку, а истите произлегуваат од нејзините најавени приоритетни заложби во културата: За кое домашно творештво зборува таа, кога само во Драмската дејност, се видно намалени средствата, а од тие оскудни средства 45% од вкупниот буџет или 16.000.000 денари се предвидени за странски режисери? Министерке каде се македонските автори? Каде се младите автори? Како што последниот конкурс на агенцијата за филм им го одземавте правото на младите филмски режисери да дебитираат на филмското платно, така и на овој конкурс им оневозможивте на младите театарски режисери да си ги остварат сонот!
За каков рамномерен културен развој зборува министерката, со брутално фаворизирање на само еден град, наспроти сите останати? Колку помалку значење имаат Штип, Струмица, Велес, Куманово, Прилеп итн, па се дури и 10 пати помалку финансирани од Битола?, рече Љутков.
Дали заслужи Велес и Манифестацијата Рацинови средби со шеесет годишна традиција од 2020 година до денес за 500.000денари да им го скратите буџетот и да спадне на бедни 86.000 денари поддршка од министерството, а добро се сеќавате дека минатата година, на отворањето со телевизиската сеијата за РАЦИН на која Вие бевте присутна, јавно ве прозвав, а вие ветивте пред цела публика дека наредната 2024 година ќе ја исправите грешката?! Не министерке вие не ја исправивте грешката, вие го казнивте ликот и делото на Рацин, додаде тој.
Дали меѓународната активност на министерството, претставува, ниту едно целно претставување на културата на Република Македонија во странство, односно долго најавуваните „Денови на македонската култура“ во реномирани културни центри во светот, не постојат во Годишната програма?!
– И сосема за крај на оваа прес конференција, ќе ви поставам најдиректно прашање, министерке кој е заедничкиот именител на следниве субјекти поддржани во Вашата Годишна програма или во Ваш жаргон, проекти кои се карактеризираат со епитетот„ креативен блесок“? Здружение на граѓани за поинакво делување АРТАКТ, Друштво за производство, трговија и услуги ТРИЧЕТВРТИ увоз-извоз ДООЕЛ и Сташа Божиновска, сите од Битола, кои се финансирани од министерството за култура со преку 2.000.000 денари, рече Љутков кој ова го оцени како „похлепна бездушност и неукост во создавањето на годишните програми 7 години по ред во континуитет го распадна македонското ткиво“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата

Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.
Македонија
Мицевски: Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Струмица се заканувал со гасење струја за гласови

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, остро ги критикуваше предлог-кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори, оценувајќи дека партијата тргнува кон сигурен пораз со, како што рече, истрошени и дискредитирани личности.
„Наместо нови и вредни луѓе, тие повторно нудат истрошени фигури, проверени послушници на Заев и Филипче“, изјави Мицевски, додавајќи дека предложените кандидати немаат углед ниту поддршка кај граѓаните.
Како пример, Мицевски го посочи кандидатот за градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ, Марјан Даскаловски, кој, според него, е симбол на притисоци, закани и злоупотреба на политичка моќ.
„Даскаловски под насока на Заев во 2014 година се заканувал со бркање од работа и гаснење на струја на ромски семејства ако не го дале гласот за СДС“, изјави Мицевски.
Тој додаде дека, иако лицата се менуваат, „матрицата останува иста“ – односно дека, според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и натаму нуди кадри кои „сеат страв, се закануваат и го дестабилизираат општеството“.
Македонија
Алијансата за Албанците: Новата програма по историја е дискриминаторска

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на новата наставна програма по историја за основно и средно образование, обвинувајќи ја Владата за дискриминација, фалсификување на историјата и исклучување на албанските експерти од процесот на изготвување на програмите.
„Во држава која се нарекува мултиетничка, исклучувањето на албанските историчари од работните групи за изготвување на наставните програми е институционален скандал и директна навреда за сите граѓани Албанци“, реагира партијата.
Алијансата наведува дека новата програма е изготвена на нестручен, тенденциозен и дискриминаторски начин, со што, како што велат, се избледува историскиот идентитет на Албанците и се минимизира нивниот придонес во балканската и европската историја. Меѓу посочените примери е и насловот „Илири и Дарданци“, кој според партијата е апсурден и ненаучен, бидејќи Дарданците се неразделив дел од илирското стебло.
„Ова не е обичен апел, туку силен повик за правда, еднаквост и достоинство во третманот на нашето заедничко минато“, порачуваат од Алијансата, повикувајќи го Министерството за образование итно да прекине со одобрување на учебници базирани на спорните програми и да обезбеди рамноправно учество на албанските историчари.
Партијата додава и дека ако историјата се искривува денес, иднината ќе се гради врз лаги.