Македонија
Љутков: Јубилејната поштенска марка е потсетник дека македонскиот јазик живее и трае

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Порта „Македонија“ се обрати на промоцијата на јубилејната поштенска марка по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со зборовите: „Човек без јазик е како дрво без корен“.
„Со овие зборови го почнувам денешното обраќање бидејќи нема ништо поважно за еден народ од неговиот јазик. Тој не е само средство за зборување, тој е срцето на нашата историја, борба и љубов кон зборот, кон коренот, кон татковината. Затоа, да се грижиме за јазикот, значи да се грижиме за себе, за иднината на нашите деца и за споменот на нашите предци“, рече Љутков.
Тој додаде дека со денешната промоција на специјалната поштенска марка му оддаваме чест на нашиот македонски јазик.
„Во овој свет на брзи комуникации и дигитална ера се чини дека поштенската марка е нешто од минатото. Но, не, таа е токму спротивното. Таа е сведоштво на трајноста. А македонскиот јазик е токму тоа – трајна вредност, што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање. Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Таа ќе патува низ светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик. Истовремено, ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила“, рече Љутков.
Министерот Љутков на крајот од своето обраќање порача: „Да продолжиме да го негуваме македонскиот јазик со истиот идеал што го водеше Конески – со тивка сила, со длабоко чувство за одговорност и со верба дека зборот е столб на идентитетот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: Судството и обвинителството целосно потфрлаат

Перформансот на економијата е одличен, ги гледате бројките и резлтатите, ќе се почуствуваат, граѓните го гледааат ама не го чуствуваме. Потребно е најмалку една година откако ќе се случи тој економски напредок за да го почуствуваат луѓето на својот џеб и тоа ќе има континуитет, оценува вицепремиерот Александар Николоски.
„Во однос на корупцијата можам да кажам дека можеме повеќе и подoбрo пред сe во делот на судството и обвинителството. Мислам дека МВР коректно си ја работи својата работа, но МВР е една од алките во системот. Мислам дека судството и обвинителството целосно потфрлаат и оваа ситуација не може да остане вака. Знаете дека ние поведовме постапка за разрешување на пет члена на Судскиот совет на крај најдоа дупка во Законот и велат не поднесуваме оставка. Што морал да имаш да ти изгласаат недоверба во Собрание, а ти да продолжиш да седиш на таа маса и да носиш одлуки?“, истакна вицепремиерот Николоски.
Негова оценка за судството и обвинителството е дека не се на својата задача и не можат да ја следат оваа Влада предводена од ВМРО -ДПМНЕ.
„Перформансот што го дава оваа Влада на ВМРО -ДПМНЕ, судиите и обвинителите не можат да го следат”, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Муцунски во Париз ја реафирмира стратешката ориентација на државата кон членството во ЕУ

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одделни средби со претседателката на Интерпарламентарната група за пријателство Франција – Западен Балкан, сенаторката Марта де Сидрак, и со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за Континентална Европа и Турција, Бертран Бишвалтер.
На средбата во францускиот Сенат беше истакнато значењето на парламентарната дипломатија во градењето на стабилни и севкупни односи меѓу двете земји. Се разговараше за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка и продлабочување на политичките и економските врски. Посебен акцент беше ставен на доследната поддршка од француска страна за македонските евроинтеграции.
На средбата со советникот Бишвалтер беа отворени прашања од заеднички интерес, вклучително и актуелните геополитички предизвици во Европа, важноста на регионалната соработка, партнерството и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Алијансата, како и понатамошното јакнење на соработка во контекст на европската и регионалната стабилност.
Министерот Муцунски ја реафирмираше стратешката ориентација на државата кон членството во Европската Унија, како и континуираната посветеност на реформските процеси и на добрососедските односи. Воедно, беше потврдена значајната улога на Франција како силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот, со цврста определба оваа поддршка да продолжи со несмален интензитет и во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По трагедијата во Кочани целосно се забрани употреба на пиротехника во затворен простор

СДС брутално и очигледно ја злоупотребува трагедијата во Кочани, со очајнички обиди да фрлат песок во очите на јавноста и со нивните лаги да ја засенат вистината, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„За разлика од претходната власт сега има сеопфатна, темелна истрага за трагедијата во Кочани во која беа опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа е доказ дека сега има одговорност и неселективност. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донесе серија законски, измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека санкциите за прекршување на оваа забрана драстично се зголемени, но исто така утврдена е и строга одговорност за нелегално присуство на малолетници по полноќ во угостителски објекти, со цел заштита на младата популација.
„Ова се ефикасни законски мерки со кои се воведува одговорност и ефективен надзор, мерки кои гарантираат заштита на јавноста во затворени простории. Оваа Влада демонстрира одговорност со максимална сериозност и законски механизми ја брани јавната безбедност, води транспарентна и структурирана одговорност кон сите виновници без исклучок“, велат од партијата.