Македонија
Ќе се бара јавен увид во службените трошоци и на судовите, пратениците и претседателот
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, во Владата одржа втор состанок со функционери и именувани раководни лица, на кој се разговараше за исполнување на заложбите за поголема транспарентност и отчетност, односно објавување на нивните службени трошоци.Преку Алатката за отчетност, која беше објавена во март, а е достапна на веб-страницата на Владата, односно на адресата: http://vlada.mk/otchetnost-troshoci на увид се ставени сите трошоци на премиерот, неговите заменици, министрите, министрите без ресор, заменик-министрите, генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата.
Со одлука на Владата на 17 април беше проширен опсегот на функционерите и именуваните раководни органи што треба да покажат отчетност пред јавноста и кои најдоцна до 20 јуни на своите веб-страници треба да ги објават податоците за нивните службени трошоци за периодот од 1.12.2014 до 31.5.2015 година и за периодот од 1.12.2017 до 31.5.2018 година. Со одлуката се задолжуваат и директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот совет да ги објават службените трошоци. Истото се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерските друштва во државна сопственост.
„Врвните приоритети на Владата се таа да биде транспарентна, отворена кон јавноста и да овозможи пристап до информациите како основно право на граѓаните“, оцени Поповски на состанокот, информирајќи ги претставниците на јавните институции за унифицираниот систем на прикажување на службените трошоци.
Министерот Поповски истакна дека за првпат воведената политичка пракса на објавување на најотворен, најтранспарентен начин на сите трошоци е со цел тие да се намалат и да се сведат само на продуктивни трошоци, кои се неопходни за непречено спроведување на работните активности на носителите на јавни функции и институциите. Поповски додаде дека со јавното објавување на трошоците се постигнува двоен ефект. Се дава на увид на јавноста и на граѓаните за што се трошат нивните пари, но се презентираат и постигнатите резултати, а истовремено изложувањето пред јавноста води и до поголема внимателност при трошењето државни пари.
Министерот Поповски потсети дека според веќе објавената споредбена анализа, за трошењата на министрите, актуелната Влада во првите шест месеци од доаѓањето на власт во јуни, до ноември 2017, потрошила двапати помалку од претходната Влада за истиот период во 2014 година и порача:„Оваа тенденција на намалување на трошоците на оваа Влада сакаме да продолжи на ниво на сите државни институции“. Истовремено, министерот Поповски додаде дека алатката за отчетност ќе им биде препорачана и на единиците на локалната самоуправа, правосудните органи, претставниците на Собранието и претседателот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

