Македонија
Ќулавкова: Научно неосновано е да се тврди дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“

Академик Катица Ќулавкова на 7 јули имаше обраќање на промоцијата на четири тома посветени на македонскиот јазик. За оваа проблематика на есен таа ќе објави подолгата верзија во списанието на Институтот за македонски јазик. Обраќањето е насловено „Македонскиот јазик – континуитет во време и простор“ каде што полемизира околу актуелни прашања за македонбскиот јазик.
„ Во 19 век имало одредени обиди за создавање заеднички словенски јазик врз основата на македонското и бугарското наречје. Тогаш македонскиот учен полиглот Партениј Зографски предложил основата на тој заеднички јазик да бидат југозападните македонски говори, затоа што – смета тој – се поубави од бугарските. Таа иницијатива не била прифатена од бугарските филолози, за што подоцна има полемики меѓу нив. Во услови на укината Охридска архиепископија која, од Х век до XVIII (1767), претставувала заштитен јазичен и културен, а не само православен чинител на Македонците, во услови на вековна јазична, економска, политичка и образовна доминација на византиските Грци, во услови на нееднаков однос на западноевропските политички центри спрема балканските народи, во услови на извесна воздржаност на младата македонска буржоазија која не ги поддржувала финансиски македонските јазични и национални процеси, подоцна, кон крајот на 19 век, и во услови на недвосмислени антимакедонски пропаганди, било цело чудо како се јавувале индивидуални обиди да се создаде граматика на македонскиот јазик.
Па сепак се создавале, и сепак најчесто биле цели изданија уништени и исчезнати по печатниците во Цариград, Солун и Софија. Такви се граматиките на Партениј Зографски (1858) и Венијамин Мачуковски (1872), на Крсте Мисирков (1903), па и на Димитрија Чуповски (1902) и неговото Македонско научно-литературно друштво во Петроград. И покрај сѐ, денес располагаме со неколку значајни изданија за македонската јазична и национална посебност. Сите обиди да се проучат и да се покажат спецификите на македонските народни говори, вклучително и оние кои се плод на запишувањето на македонската усна книжевност, претставуваат обиди за кодификација на македонскиот јазик и ја испишуваат предисторијата на кодификацијата на современиот македонски книжевен јазик. И сите сведочат за природниот историски развој на македонскиот јазик: во соодветни историски услови се добиваат и соодветни резултати. Со други зборови, анахроно е денес, и научно неосновано, да се тврди дека македонскиот јазик е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“ и дека треба да се третира како „официјален јазик на Северна Македонија“. Македонскиот јазик има свој особен развоен, граматички и дијалектен систем различен од бугарскиот и српскиот. Блискоста меѓу јазиците не ги негира разликите кои постојат меѓу нив“, пишува во дел од обраќањето на Ќулавкова.
Таа нагласува дека во овој том се застапени студии на академик Поп-Атанасов и на колегите од Филолошкиот факултет, Институтот за македонски јазик и Институтот за македонска книжевност: Емилија Црвенковска, Лилјана Макаријоска, Илија Велев, Александра Ѓуркова, Димитар Пандев, Веселинка Лаброска, Елка Јачева-Улчар, Симона Груевска-Маџоска и Валентина Миронска-Христовска и на крајот додава, “би сакала да верувам дека научната аргументација за македонскиот јазик, изнесена во овој и во другите изданија на МАНУ и на ИЦАЛ „Божидар Видоески“, ќе добие третман на стратешки интерес на македонската држава во нејзините внатрешни и меѓународни политики“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.