Македонија
Џафери за Денот на независноста: Сите да придонесеме за економски силна и европска Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од свое лично име и од име на пратениците во Собранието, упати честитка по повод 8 Септември, како што вели, најзначајниот ден во растот и развојот на нашата држава – Денот на независноста.
„Преку оваа честитка, со обраќам до вас граѓаните за искрено и најсрдечно да ви го честитам роденденот на Републиката“, истакнува тој.
Претседателот на Собранието нагласува и дека искуството од минатото покажало дека ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството.
„Заедно растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на Ковид-19 која надвиснала над целата Земјина топка и ги става на тест здравствените и економските системи на државите. Ќе го надминеме и ова, заедно, сплотени, со целосно почитување на здравствените и други протоколи“, посочува Џафери.
Тој додава дека републиката, низ годините, доживеала и преживеала низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа секогаш го знаела својот пат и правец.
„Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатака, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија. За тој сон да стане реалност, мораме да ја задржиме истата динамика, истиот жар и посветеност и секако, верба дека ќе успееме. А ќе успееме ако изградиме силни, функционални институции кои во секој миг, во секој агол од оваа наша прекрасна татковина ќе работат и придонесуваат подеднакво, искрено и транспарентно“, нагласува Џафери.
„Почитувани, нека ни е среќна и долговечна, нека расте и се развива во напредна, економски силна и европска Република Северна Македонија“, вели на крајот од честитката по повод Денот на независноста, претседателот на Собранието, Талат Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски повторно халуцинира, Македонија е четврта најсиромашна држава во Европа

Мицкоски повторно халуцинира, Македонија е четврта најсиромашна држава во Европа, велат од СДСМ.
„На секојдневните јавни настапи „отворајќи“ чешми и други „мега-проекти“ Мицкоски се фали со имагинарни успеси во недостиг на реални резултати кои би го подобриле животот на македонскиот граѓанин. СДСМ јавно го прашува премиерот каде се инвестициите со кои се фали? Доколку навистина постојат наредниот пат нека се потруди нека ги научи на памет и нека ги посочи со име и онака не се премногу за да ги запамети. Изјавите како четврта економија во Европа, шеста економија во свет по инвестиции се само резултат на розовите очила кои очигледно ги носи премиерот“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека дека Македонија е четврта во Европа, но одзади и тоа на листата на најсиромашни земји во Европа.
„Македонија се наоѓа на четвртото место меѓу најсиромашните европски држави, според најновите податоци за бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител. Според анализите, БДП по жител изнесува 8.751 долар, а според паритетот на куповна моќ (PPP) – 19.290 долари. Ова е резултат пред се на безидејноста на македонската Влада која ја закочи европската иднина на државата, а младите просперитетот го гледаат надвор од своето родно место. Само минатиот месец имаме покачување на невработеноста за 2900 лица, а во мандатот на Владата на Мицкоски имаме повеќе од 32 илјади затворени работни места. Најголем дел од овие луѓе ја напуштиле државата и си заминале по белиот свет да побараат подобра шанса за успех и просперитет. За жал ниту еден фејк статистички податок овие млади луѓе нема да ги врати назад“, велат од СДСМ.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне краткотраен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Во недела попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во првите два дена од новата седмица на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Поднесена кривична пријава против ексдиректорката од Демир Хисар за криење службени печати

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна директорка на средно училиште во Демир Хисар поради одземање или уништување службен печат или спис.
„Денеска, до ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против М. Ј. (57) од Демир Хисар за сторено кривично дело одземање или уништување службен печат или спис по член 390 од КЗ“, соопшти МВР.
Од таму велат дека пријавената во периодот од 6.8.2025 до 13.8.2025 година противправно ги криела службените печати, сопственост на СОУ ‘Крсте Петков Мисирков’ од Демир Хисар, со што направила службените печати да бидат неупотребливи и со нив да не може да раководи новоименуваната директорка Ј. Д. (43), назначена за в.д. директор на СОУ ‘Крсте Петков Мисирков’ во Демир Хисар со одлука од страна на Општина Демир Хисар од 5.8.2025.
Пред неколку дена на социјалните мрежи беше објавено видео на кое началник од МВР без налог се обидува да ја приведе ексдиректорката и вели дека ако треба, и на носила ќе ја однесат во полициска станица. На видеото се гледаше и нејзниот син, кој кажува дека мајка му е на боледување и дека кога ќе ѝ заврши боледувањето, ќе се јави во полициска станица.
Началникот беше разрешен поради непрофесионално и неетично однесување.