Македонија
Џафери на состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе учествува на десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан на Брдо при Крањ.
Состанокот е во организација на Националното собрание на Република Словенија, а во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.
Настанот е продолжение на самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан, кој се организира вторпат во мај оваа година во Европскиот парламент во Брисел. Предвидено е во воведниот дел на состанокот свои излагања да имаат претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, претседателот на Европскиот парламент, Давид Марија Сасоли, Анже Логар – министер за надворешни работи на Република Словенија и Моника Грегорич, претседател на Комисијата за надворешна политика на Националното собрание на Република Словенија.
Главната дискусија ќе биде насочена кон улогата на парламентите во враќањето на довербата за процесот на проширување на ЕУ, каде што со свое обраќање ставовите ќе ги искажат претседателите на парламентите од Западен Балкан, вклучително и претседателот Талат Џафери.
Исто така, предвидена е дебата со претставници на младите од регионот на Западен Балкан како дел од дебатата за конференцијата за иднината на Европа, на која тие ќе имаат можност да искажат свое мислење за тоа во каква Европска Унија сакаат да живеат, до кој степен младите луѓе од Западен Балкан ја гледаат нивната иднина и нивната земја како дел од ЕУ и на кој начин Унијата треба да се реформира за да биде поефикасна, побезбедна и попросперитетна за своите граѓани.
На крајот на состанокот планирано е усвојување заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Македонија
Савески- Палминтери: Италија подготвена да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери.
Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за областа владеење на правото.
Италијанскиот амбасадор пред државниот обвинител ги презентираше досегашните активности во таа насока, вклучувајќи ги и двата меѓуинституционални меморандуми за зголемување на ефикасноста на борбата против еколошкиот криминал и против кривичните дела против културното наследство, склучени со поддршка на Италија.
Воедно тие разговараа и за можностите за идни активности, како и за предизвиците со кои се соочува обвинителството поради недостигот на јавни обвинители и ресурси и за обврските од реформската агенда.
Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе.
Италијанскиот амбасадор ја изрази подготвеноста на Италија да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството во следниот период, бидејќи клучните области од идните преговори на земјава за членство во ЕУ се однесуваат на поглавјата за владеење на правото.
Македонија
„Вреди“: Граѓанскиот интерес над профитот на коцкарската индустрија
За првпат по многу години, државата го става интересот на граѓаните пред интересот на коцкарската индустрија. Владата презема конкретни чекори за воспоставување ред, одговорност и вистинска заштита за семејствата, младите и иднината на нашето општество, велат од „Вреди“.
Според нив, новиот закон за игрите на среќа не е само мерка против казината. Овој е закон, како што додаваат, во заштита на албанското семејство и на секој граѓанин кој со години гледал како коцкањето уништува семејни економии, ги загрозува младите и се шири во близина на училиштата и нашите населби.
„Преку овој закон се гради систем во кој се заштитуваат: семејствата од осиромашување и долгови,
младите од зависност и социјална деградација, семејната економија од финансиско уништување, училиштата и образовните простори од влијанието на индустријата на коцкањето, како и моралниот и општествениот ред кој со години бил нарушуван од неконтролираното ширење на игрите на среќа.
Минималната дистанца од 500 метри од училиштата, забраната за агресивно рекламирање на игрите на среќа и новите законски ограничувања се конкретни мерки што покажуваат дека државата конечно дејствува во интерес на граѓаните, а не на тесни финансиски интереси“.
За „Вреди“, заштитата на семејството и младите не е политички слоган, туку морална и институционална обврска.
Општеството, оценуваат од оваа партија, не може да се гради врз зависности, долгови и губење надеж.
„Општеството се гради врз силни семејства, заштитени млади и институции што имаат храброст да го стават јавниот интерес над интересите на индустриите што ги штетат граѓаните“.
