Македонија
Џафери: Пописот не е и не смее да биде политичка операција
Пописот не е и не смее да биде политичка операција, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќање на работната средба организирана од Државниот завод за статистика.
Тој кажа дека не сака да навлегува во дискусија на различните толкувања дека пописот нема да биде статистичка, туку политичка операција.
„Не сакам да навлегувам во дискусија во однос на различните толкувања во однос на тоа дали кај нас, оваа најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција која насекаде во демократски развиените земји е само тоа, статистичка операција, без никаква друга позадина, кај нас се гледа од една поинаква призма, политичка. Дали е тоа така, зошто е тоа така, што доведе до тоа да во нашата земја, секоја постапка, секоја иницијатива, секоја вообичаена законска обврска се гледа низ политичкиот објектив, мислам дека нема да биде воопшто продуктивно и целисходно да зборувам сега за тоа. Затоа што за правата и обврските имаме Устав, имаме важечки закони, имаме ратификувани меѓународни декларации. И затоа, во едно сум убеден и на тоа ќе инсистирам, пописот не е и не смее да биде политичка операција“, рече Џафери.
Тој кажа дека резултатите од пописот ќе бидат одлична основа за донесување закони и развојни политики засновани врз прецизни податоци кои ќе бидат од директна полза на граѓаните.
Според него, пописот ќе овозможи рамномерно распоредување на јавните здравствени установи, училишните, спортските и културни центри.
„И затоа почитувани присутни, во овој контекст, од исклучителна важност е секој еден чинител во операцијата наречена попис, да ја сфати неа со должна почит и сериозност и така и да пристапи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, од инструкторите, попишувачите и последните, меѓутоа најважните, граѓаните“, рече Џафери.
Тој паелира до граѓаните да дадат поддршка на лицата ангажирани за пописот, да даваат точни податоци за присутните и отсутните членови на семејствата, да не се обидуваат да дадат неточни податоци затоа што, како што рече, давањето лажни податоци, освен што е дело казниво со закон, на овој или оној начин, повторно ќе ни се врати на нас самите, како бумеранг.
„Да смогнеме сили, да го оставиме настрана нашето себично размислување и да се издигнеме над ситуацијата, да ги прифатиме резултатите од пописот и да се поместиме веќе еднаш од таа мртва точка на која сме заглавени со нашиот анахрон ментален склоп за да не дојде ред да правиме попис на иселени и преостанати жители во Република Северна Македонија. Се надевам дека месец април ќе биде потврда за тоа дека сме созреале како држава, после цели 20 години и дека сме спремни да бидеме полноправна членка на европското семејство во блиската иднина“, рече Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

