Македонија
Џафери: Со Финска споделуваме исти политички определби

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, се сретна со премиерката на Финска, Сана Марин.
Како што информираат од кабинетот на Џафери, тој истакнал дека Северна Македонија ја цени поддршката на Финска во областа на евроинтеграциите и нејзиниот принцип дека билатералните проблеми со Бугарија не треба да бидат пречка за процесот на интеграцијата.
Тој исто така нагласил дека како држава со Финска споделуваме исти политички определби и имаме многу добри односи, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
Џафери потврдил дека Северна Македонија ги поддржува аспирациите на Финска за членство во НАТО и ја нагласил подготвеноста на Собранието да го ратификува пристапниот протокол за членство на Финска во НАТО што е можно поскоро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ за прес-конференцијата на Ковачки: Сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ потонаа

„Денеска сите тешки лаги кои што ВМРО-ДПМНЕ ги пласираше потонаа. Потона уште еден Титаник на ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со нивниот коалициски проруски партнер Левица, гушнати во деструкцијата и желбата да и наштетат на сопствената држава и на сопствениот народ“ реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Од владејачката партија велат дека „со денови Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ширеа лаги дека државата ќе се бугаризира, дека јазикот и идентитетот се распродадени, смислено и тенденциозно создаваа хистерија во јавноста за да нанесат штета на државните позиции“.
„Сите тие смислени лаги за нанесување штета на државата потонаа. Толку ниско се паднати Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ што немаат образ ниту да се извинат. Затоа се опозицијата и ќе останат уште долго во опозиција“ велат од СДСМ.
Македонија
Ковачки: Ковачевски залудно ретерираше, неговиот предлог пропадна, следи оставка

„ВМРО-ДПМНЕ и народот победија. Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна. Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација“ изјави попладнево на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата. Димитар Ковачевски 6 месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси“ рече Ковачки.
Пратеникот од опозициската партија напомена дека „барањата и објаснувањата од македонската влада биле:
- Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив;
- Побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори. Веќе употребена лоша тактика, која ВМРО-ДПМНЕ и народот ја препознаа;
- Со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика – „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени“.
Според Драган Ковачки, „Ковачевски, СДСМ и ДУИ го потценија македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, но уште еднаш покажавме дека заедно никогаш нема да дозволивме ова да се случи, затоа што гласно кажавме НЕ“.
Македонија
Од утре нема да работи жичарницата на Водно

Од утре, петок (24.06.2022 година) Жичарницата и автобуските линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б) нема да бидат во функција.
Времениот прекин на работа е согласно воведената делумна забрана за движење во шумите, побарана од ЈП „Национални шуми“ – Скопје, а одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
Жичарницата и трите автобуски линии нема да работат сѐ до проценката на надлежните дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до отповикување на делумната забрана за движење во шумите.