Македонија
Адеми во Италија во спомен на македонските државјани кои загинаа во земјотрес пред 10 години
Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, престојува на работна посета на Италија, во рамките на која денеска во Абруцо – Поџио Пиценче учествуваше на церемонија за одбележување на 10-годишнината од земјотресот во Акиле.
Како што информираат од неговиот кабинет, церемонијата била отворена со поздравен говор од страна на градоначалникот на општина Поџио Пиценче, Антонело Гиалорето и Адеми.
Министерот во својот поздравен говор се осврнал на солидарноста, духот на добрата волја и хуманата желба за помагање која произлегла од катастрофалниот земјотрес во регионот на Абруцо, а во кој животот го загубија 309 луѓе, од различни делови од светот меѓу кои и петмина македонски државјани.

„Сликите и спомените за одбележување на катастрофи ни даваат моќна и јасна порака, дека само заедно можеме да се справиме со сите предизвици, без разлика дали се природни или општествени“, истакнал Адеми.
Во склоп на церемонијата од одбележувањето на 10-годишнината од земјотресот во Акиле бил инагуриран и споменикот со имињата на настрадените во земјотресот и била промовирана книга за истиот повод.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

