Македонија
Административците в сабота ќе чистат на 20 локации во Скопје
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и претставничката на граѓанското здружение „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ, денеска одржаа прес-конференција на која ги претставија деталите од масовната еколошка акција „Администрацијата чисти со ‘Не биди ѓубре’“, која ќе се одржи в сабота, 14 декември, со почеток од 12 часот.
„Изминатите две недели активно работевме на организација на големата еколошка акција за чистење ѓубре, во која учество ќе земат вработените од државните институции. Решивме да им се приклучиме на акциите што ги организира грѓанската иницијатива ‘Не биди ѓубре’ наместо класично да работиме в сабота“, рече министерот Манчевски.
40.000 луѓе на 14 декември ќе чистат на 20 локации во градот.
Локациите се следни: Сарај – Треска, акведукт – каналот, СЦ „Борис Трајковски“, Калето, Музејот на современата уметност, касарната „Илинден“, Јужен булевар, „Бихаќска“, Државното училиште за физичка култура „М. М. – Брицо“, железничката и автобуската станица, улицата Џон Кенеди, Собранието, улицата Македонија, МКЦ и МРТ, касарната „Гоце Делчев“, улицата Ферид Бајрам, улицата Александар Урдаревски, Европската очна болница „Јурија“, улицата Индустриска и кејот на реката Вардар.
„За успешно спроведување на акцијата, на секоја од локациите одговорни ќе бидат самите раководители, односно премиерот, министрите, градоначалниците и директорите. Дополнително, секаде каде што е потребно, обезбедена е и соодветна механизација од претпријатијата на Град Скопје. До локациите каде што е потребен превоз, тој е обезбеден од ЈСП, а за сите вклучени во акцијата обезбедена е и соодветна опрема, како ракавици, кеси (за отпад и пластика), како и маски за одредени локации“, информира министерот Манчевски.
Министерот воедно им се заблагодари на сите донатори што ја поддржаа акцијата: Канцеларијата на ЕУ во Скопје и амбасадорот Жбогар, „Д-р Пановски“, „Еурофарм“, „Отпад“, швајцарската амбасада, „Пакомак“, „Зегин“, „Еуро екопак“, „ЕКОН електрон“, Eco packing, „ЕЛ-колект“.
На пресот се обрати и Ирена Ристиќ, која потсети дека здружението „Не биди ѓубре“ постои една и пол година и изрази огромно задоволство што в сабота оваа активност во ист момент ќе ја спроведат 40 илјади луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

