Македонија
Акиов: Не сум гомнар, туку борец за правда, чашата беше прелеана од советникот Алексов
Советникот Аки Акиов од Партијата за демократски просперитет на Ромите (ПДПР) преку социјалните мрежи, по насилниот инцидент, порача дека тој не е гомнар, туку борец за правда.
„Во однос на видеото од денешната седница на Советот на Општина Кочани, кое актуелно циркулира на социјалните мрежи, каде што притоа јас со моето однесување сум карактеризиран и јавно осуден за главен виновник во деградацијата на функцијата советник Ром, сакам да изјавам дека:
1. Правото на говор на советниците е непречено право по Деловникот за работа на советите во општините во РС Македонија. Некултурно, крајно неодговорно, нехумано и деградирачки е постојано да се прави хистерија во советничката сала преку урлање, барање паузи, дофрлување навреди на лична основа среде секое мое излагање на вистината што на ВМРОВЦИТЕ не им иде во прилог;
2. Немањето емпатија со родителите на загинатите деца, како и самосвест и доблест за признавање, а не префрлање вина за трагедијата, повторно поради истата цел – да се зачува политичкиот рејтинг пред локалните избори на ВМРО, е голема срамота. Денес, чашата беше прелеана од советникот Алексов, кој го испровоцира целиот настан својствено за него.
Јас не калкулирам со мојот авторитет и рејтинг. Јас не сум гомнар, јас сум борец за правда.
На правничката од Општина Кочани јавно ѝ се извинувам за ненамерно нанесената повреда“, напиша Акиов.
Акиов и советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Васе Алексов, првин влегоа во вербална конфронтација по што Акиов замавна со пластично шише полно со вода, кое заврши во главата на вработена во Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

