Македонија
Активирани банкарските гаранции на „Графички центар“, во буџетот на Општина Центар вратени 20.000 евра
Општина Центар ги активира банкарските гаранции на правното лице „Графички центар“ ДОО Скопје во стечај врз основа на потпишани договори за отуѓување градежни парцели, кои се дел од детаљниот урбанистички план – локалитет Тетовска Трошарина, во близина на тврдината Кале.
Двата договора „Графички центар“ ги склучил со Министерството за транспорт и врски на 13.11.2012 година. Во согласност со член 4 од договорите, рокот на прибавување одобрение за градење на предвидените објекти бил 9 месеци од денот на запишување на правото на сопственост во Катастарот, односно од 20.12.2013 година.
„Од причина што парцелите се наоѓаат во дел што е од културно и историско значење за градот (тврдината Кале), ‘Графички центар’ склучува договор со НУ Конзерваторски центар за вршење заштитно-археолошки истражувања, кои почнале на 1.9.2014. При истражувањата на парцелите пронајдени се археолошки остатоци од муслимански гробници од 19 век и НУ Конзерваторски центар го известил правното лице дека археолошките истражувања ќе траат 50 дена. Со мислење на НУ Конзерваторски центар, по завршување на археолошките истражувања, остатоците од гробниците треба да се префрлат на градските гробишта во Бутел.
По неколку преписки помеѓу ‘Графички центар’ и Министерството за транспорт и врски и пролонгирања на роковите за добивање одобрение за градење, во мај 2017 година ‘Графички центар’ ДОО оди во стечај“, соопшти Општината.
Со одлука на владата од 18.12.2018 година, неизграденото градежно земјиште во сопственост на државата на територија на општината, по долго време, ѝ било вратено во владение на Општина Центар и предметите формирани врз основа на склучени договори за отуѓување градежно земјиште по пат на јавно наддавање ѝ се предадени на Општината.
Со добивањето на дополнителната документација, а врз основа на договорите, Општината поднела непарично побарување со барање за исполнување на обврските од договорите, парично побарување за наплата на договорни казни поради необезбедно одобрение за градење во предвидениот рок и парично побарување за активирање и наплата на износот од банкарските гаранции за навремено и квалитетно завршување на работите.
Општина Центар се обратила до НУ Конзерваторски центар и добила одговор дека заштитните археолошки истражувања се завршени, но не и дислокацијата на коските, за што се потребни финансиски средства од купувачот на земјиштето, „Графички центар“, за кого, пак, е отворена и веќе се води стечајна постапка. За евентуален почеток на какви било градежни дејства, потребно е да се заврши целата постапка.
„Поради непочитување на договорот и непреземање на договорните обврски на правното лице ‘Графички центар’, Општина Центар ги активира банкарските гаранции за двата потпишани договора за отуѓување градежно земјиште со електронско јавно наддавање и во општинскиот буџет врати вкупно 20.000 евра“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

