Македонија
Активни над 6.000 случаи со коронавирус, болниците се полнат
Во моментот како активни се водат 6.069 случаи на коронавирус на целата територија, од кои 2.983 се од Скопје.
Само вчера регистрирани беа 641 заразени, а починаа 12 лица.
Вкупно хоспитализирани се околу 500 пациенти. Само на Клиниката за инфективни болести во Скопје хоспитализирани се 108 лица, од кои 80 се на кислородна поддршка. Од вчера почнаа да се примаат пациенти и во модуларната болница сместена до Инфективната.
Во ГОБ „8 Септември“ петмина лица се на респиратор, а таму во моментот се лекуваат 47 пациенти.
Во Козле хоспитализирани се четири деца и шест мајки. Во болницата во Битола се 52, а во болницата во Штип 50 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани и Кавадарци се хоспитализирани 214, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Министерот за здравство, Венко Филипче, предупреди дека болничките капацитети се еден од главните параметри, па ако овие капацитети се исполнуваат тогаш ќе препорачаат целосна рестрикција во движењето, односно полициски час.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 24.836, оздравени се 17.905, а починаа 862.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

