Македонија
Активни три пожари во Македонија, најголемиот е на Криволак
Рано утрово со полициски хеликоптер извршено е извидување на трите активни пожари во земјата, информира на социјалните мрежи директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Најголемиот пожар е на дел од подрачјето на воениот полигон Криволак, каде што дејствуваат еден армиски и еден полициски хеликоптер. Ангелов истакна дека воените магацини се дополнително осигурени и се целосно безбедни.

Вториот пожар е нов, кој бил забележан во атарот на с. Калуѓерица, во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица, каде што е зафатена дабова шума.
„Постоеше можност за проширување, но благодарение на брзата интервенција на ТППЕ Радовиш, пожарот е ставен под контрола“, рече Ангелов.

Третиот пожар е оној што во текот на вчерашниот ден гореше во атарот на с. Требичино, во општина Василево, Струмичко.
Пожарот во текот на ноќта го намали својот интезитет, чади на некои места, но нема видлив активен оган. Во овој момент на самото место се екипи на ТППЕ Струмица. Доколку се разгори, дополнително ќе се донесе одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот.

Во состојба на подготвеност за дејство е и „ер тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски подготвуваше оброци за народните кујни на Скопската епархија, ги повика сите кои можат да се приклучат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се приклучи во подготовката на оброци за народните кујни на Скопската Епархија, во рамки на хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево.
„Заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвивме повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија. Мал гест, но со силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува. Свесни сме дека не можеме да помогнеме насекаде и на сите. Но можеме да дадеме сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за нашите сограѓани да знаат дека не се сами. И токму тоа го правиме со срце, со искреност и со вера. Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига. Ги повикувам сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија“, напиша Ѓорѓеивски на социјалните мрежи.
Македонија
Забрана за сообраќај за автобуси на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Поради обилни врнежи од снег на патниот правец Тетово – Попова Шапка од 09:25 часот се воведува забрана за сообраќај за автобуси, извести АМСМ.
За леки коли е задолжителна зимска опрема (синџири), додаваат од АМСМ.
Македонија
Излеани реки, поплавени подруми, гаражи и дворови во Охрид и Битола, во Кичево евакуирани околу 100 луѓе
Поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране, информираше Центарот за управување со кризи.
Забележано е излевање на Лакавичка река во село Мало Турчане и на Сушечка река во село Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен.
Во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Општина Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Регистрирани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината, извести ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен, соопшти ЦУК.

