Македонија
Активно вклучување на научните сознанија и кадровските капацитети од високообразовните институции при креирање на јавните политики
Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на активностите за одбележување на 19 години од своето постоење, денеска организираше дебата на тема „Улогата на Факултетите за правни и политички науки во иницирање, креирање и евалуација на јавните политики во Република Северна Македонија” на која учествуваа претставници од приватните и државните факултети за правни и политички науки, како и од Институтот за политички науки, медиуми и комуникација при Правниот факултет „Јустинијан Први“.
На дебатата, беше заклучено дека е неопходна поголема видливост и активно вклучување на факултетите за правни и политички науки, искористување на научните сознанија и кадровски капацитети во процесите на креирање, иницирање и евалуација на јавните политики кои се донесуваат во рамките на политичкиот систем во Република Северна Македонија“.
Раководителот на Институтот за политички науки, медиуми и комуникација при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Иван Дамјановски во своето излагање посочи дека постои недостаток на сеопфатна државна стратегија за креирање на јавни политики и вклучување на научните сознанија во тој процес, лимитиран капацитет на човечки ресурси, недостаток на политички интерес и непостоење на база на податоци за досегашните спроведени истражувања.
Деканот на Факултетот за правни науки при Универзитетот „Св.Климент Охридски”, Горан Илиќ ја посочи потребата од зголемување на соработката помеѓу високообразовните институции со цел да се иницира постигнување на регистер на наставници и научници од сите факултети за правни и политички науки, регулирање на професијата дипломиран политиколог, како и издвојување на поголем буџет за истражување и наука.
![]()
Директорката на Институтот за социолошко правно-политички истражувања при Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, Бојана Наумовска потенцираше пак, дека во државата воопшто не се прават системски истражувања и дека улогата на истражувачи на јавното мислење во последните години ја презеле невладините организации.
„Научните институции сè единствениот гарант на интересите на граѓаните и општеството. Затоа мораме да се избориме за регулатива, која што ќе обезбеди достоинствена положба на високообразовните институции кои можат многу да го подобрат квалитетот на јавните политики“, додаде Наумовска.
Според Јадранка Денкова, професор од универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, Министерството за образование и наука како централна институција за валоризација и организирање на науката, знаењето и истражувањето, треба да воспостави механизми за креирање на база на податоци за спроведени истражувања и база на наставен кадар којшто може активно да се вклучи во процесите на креирање, иницирање и евалуација на јавните политики.
„Науката во нашата држава константно тоне, а од година во година опаѓа и финансирањето од државниот буџет. Во 2018 се издвоени само 0,36 отсто од БДП за наука и истражување, што е спротивно на трендовите во Европската унија каде што инвестирањето е во висина од 2,03 отсто“, потенцираше на денешната дебата Сејдефа Џафче, деканка на Факултетот за правни и политички науки при Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Според Билјана Пулеска Јанушевска в.д. ректорка на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, високообразовните институции како големи и влијателни oрганизации во граѓанското општество и во државата имаат носечка улога во процесите на афирмација на општествените вредности и справување со општествените предизвици.
„Високообразовните институции со меѓусебна соработка и вмрежување треба секогаш да придонесуваат кон креирање на јавните политики, но и да понудат рационална и
навремена анализа и вреднување на сите сегменти на општествено-економскиот живот. Тоа е важно за демократизација на општеството и подобро планирање и исполнување на јавните потреби“, потенцираше ректорката Пулеска.
Во оваа насока и Башким Селмани, шеф на катедра за политички науки при Тетовскиот државен универзитет повторно укажа на потребата од поголема меѓусебна соработка помеѓу факултетите и издвојување на поголеми буџетски средства за наука и истражување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела 4.490 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“
Во периодот од 09 до 15 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.490 прекршоци, што претставува намалување за 10% во споредба со првата седмица во месец февруари кога беа регистрирани 4.991 прекршок, соопшти МВР.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.297, потоа за минување на црвено светло – 33, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 160 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 148 мерки „забрана за управување со возило“, чиј број бележи намалување од 48,6% во однос на минатата седмица, од кои 33 се за минување на црвено светло, а 115 се за брзо возење, од кои 99 за брзина поголема од 80 км на час во населено место, 12 за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило и четири за брзина поголема од 170 км на час во ненаселено место.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи низа катастрофални грешки во образованието, го решаваме и овој проблем
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувњата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста. Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја. Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии“, велат од партијата.
Од таму истакнуваат дека е точно дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања и сметаат дека нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите.
„Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека СДС ред не успеале да воспостават ред со приватните универзитети и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа.
„Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека ги охрабруваат СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение.
Македонија
Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст
Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .
„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.
Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.
На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.
Врнежите викендов поплавија земјоделско земјиште и во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште, а најголемо поплавување куќи има во Кичево, од каде што се евакуирани 220 лица. Привремено се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.За нив, како и за сите погодени од поплаците е организирана на храна и вода.
Врнежите направија штети и во Тетовскиот регион каде што се регистрирани проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка.

