Македонија
„Алармантно – Албанците систематски се исклучуваат од институциите, во Одбрана, од 26 нови вработувања, 25 се Македонци, а само еден е Албанец“, вели ДУИ
„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради алармантното ниво на дискриминација против Албанците во државните и јавните институции. Најновиот пример доаѓа од Министерството за одбрана, каде што од вкупно 26 нови вработувања, 25 се Македонци, додека само еден вработен е Албанец, јасен доказ за организирана политика за исклучување на Албанците од институционалниот живот во Република Северна Македонија“, велат од ДУИ.
„Ова не е изолиран случај, туку дел од долгорочна, системска стратегија изработена од македонските партии и политичката олигархија уште во 2022 година, која континуирано се спроведува од оваа влада. Целта е јасна: да се минимизира улогата на Албанците како фактор во државните и јавните установи.
Во поддршка на овој план, се вклучи и Уставниот суд, чијашто пракса преку отстранување на етничкото балансирање и обврската за неидентификување според етничка припадност, го нарушува темелниот принцип на Охридскиот рамковен договор: рамнотежата, правичната и адекватна застапеност и мултиетничкиот карактер на државата.
Ова дискриминаторска платформа продолжува преку низа на таканаречени “отворени” конкурси, каде што, под маската на професионализам и компетентност, Албанците се исклучуваат систематски, практика која потсетува на периодот пред 2001 година.
Случајот со Министерството за одбрана е само еден фасцинантен дел од оваа загрижувачка приказна, која по повеќе од една година имплементација јасно покажува дека се гради моноетничка држава, каде што Албанците се третираат како не посакувани.
Ова е концепт создаден од македонската олигархија, поддржана од одредени “васали” меѓу Албанците кои не се дел од власта по волја на својот народ, туку како избрани од ВМРО‑ДПМНЕ, како во времето на поранешна Југославија, кога некои Албанци беа фаворизирани од страна на Слободан Милошевиќ, но не по волја на самиот албански народ.
ДУИ цврсто го потврдува својот непоколеблив став во заштита на колективните права на Албанците и на Охридскиот рамковен договор како основа на новиот општествен и институционален поредок. Секој обид за разнишување на овој поредок преку судови, манипулирани конкурси или системска дискриминација, ќе биде силно осудуван и ќе му се спротивставиме политички, институционално и на меѓународно ниво“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

