Македонија
Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото, велат неистомислениците на Таравари од Алијансата
Го слушнавме нашето членство. Се сретнавме со нашите активисти во секој град – од Липково до Струга. И пораката е јасна: Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на некогашните соработници на Арбен Тараври од Алијансата за Албанците, кои не се согласија со одлуката да ја напушти Владата.
На прес-конференцијата зборуваше ексминистерот од Алијансата, Азир Алиу, а присутен беше и Арбен Фетаи, којшто Таравари вчера го разреши од партиските структури.
Тие не се согласуваат со поличкиот правец кој го зазема Таравари, најавувајќи соработка и со ДУИ за претстојните локални избори.
„Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим ги прави последните обиди да ја затемни надежта за промени, ние избравме да не реагираме брзо. Слеговме на терен, ги слушавме нашите активисти, разговаравме со партнерите и размислувавме – со смиреност и одговорност“, рече Алиу.
Оваа група од веќе поделената Алијанса, смета дека земјата има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Тврди дека се залага за одговорност, а не поради лични интереси и целта е да не ја напуштат битката на половина пат.
Велат дека Алијансата не е создадена да биде ничија алатка. Таа е создадена да биде глас на граѓаните, промените, и еднаквоста.
На пресот беше истакнато дека денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Алијансата за Албанците, како што додадоа, има клучна улога во овој процес, и тие нема да се откажат од таа мисија.
„Во однос на половичните состаноци на ограноците што се нарекуваат „партиски конгреси“ и кои шират поделби и етикетирања – тие не го претставуваат духот, ниту пак статутот на Алијансата. Изразуваме разочарување за навредите упатени кон албанската младина и жената во име на Алијансата, но нашата одговорност е да не го изгубиме правецот дури и кога другите се деградираат“, беше истаканато.
Додаваат дека ќе продолжат како рамноправен партнер во коалицијата ВЛЕН, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на граѓаните со чест и решителност.
Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, претходно го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание. Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

