Македонија
Алијансата смета дека евентуален влез на Гаши во Владата е разочарување за гласачите што ја поддржале нивната коалиција
Опозициската политичка партија предводена од Зијадин Села, Алијансата за Албанците, смета дека дека доколку нивниот коалициски партнер – Алтернативата одлучи да влезе во Владата, тоа би било спротивно на волјата што ја изразија граѓаните што гласаа за нив на парламентарните избори.
Од партијата на Села велат дека договорот потпишан за коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата јасно ги дефинира критериумите и временските рокови на оваа коалиција, односно во член 6 од овој договор стои: „Странките се договорија оваа соработка да важи до следните парламентарни избори“.
„Алтернативата треба да ги разјасни своите позиции во однос на овој договор, кој го прекршуваа најмалку трипати по ред, со јавна средба со премиерот во оставка Зоран Заев, за да разговара за можноста за влез во Владата. Нашиот досегашен молк никако не е слабост, туку сериозност кон потписот што го ставивме во договорот и политичкиот морал што сакаме да ѝ го пренесеме на јавноста – дека на крајот дадениот збор докажан со потпис за нас представува вредност. Чекањето се однесува на можноста што сакаме да ја дадеме да размислувате за политичките чекори што се преземени од вас. Минимумот коректност што го очекуваме од вас е да одговорите дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата? Ако не, тогаш не ни останува ништо друго, освен да ви посакаме успех на вашиот пат, кој за нас е погрешен и во целосна спротивност со волјата што ја изразија граѓаните што гласаа за коалицијата ‘Алијанса за Албанците и Алтернатива’. Изразуваме жалење за разочарувањето што им го предизвикавте на опозициските гласачи, кои нѐ поддржаа против оваа власт. Ние ним им остануваме верни во нашето понатамошно политичко патување држејќи ги вратите отворени за сите оние за кои дадениот збор пред граѓаните е свет. Ја информираме јавноста дека Алијансата за Албанците во иднина добро ќе размисли со кого ќе потпише коалициски договор“, велат од партијата на Села.
Претходно денеска, лидерот на Алтернативата, Африм Гаши, вторпат се сретна со премиерот Зоран Заев за да преговараат за влез во Владата. Партиските тела на владејачката коалиција и опозициската Атернатива до крајот на оваа недела ќе разговараат за она што било кажано на состаноците, а од Владата изразија уверување дека до тогаш ќе се обезбеди усогласување за влез на Алтернативата во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

