Македонија
Алијансата за Албанците реагира за вработувањето на Асум Муса на Клиниката за урологија
Алијансата за Албанците реагира за вработувањето на поранешниот заменик-министер Асим Муса на Клиниката за урологија во Скопје.
„Еден човек, осомничен за корупција, мора да биде гонет сè додека не се докаже неговата вина или невиност! Во случајот со поранешниот заменик-министер за здравство од редовите на ДУИ, Асим Муса, нема простор за сомневање бидејќи неговото учество во корупцијата е докажано преку видеоснимка, како и лично од Асим Муса.
Оваа Влада предводена од СДСМ-ДУИ не само што реши да не ги земе предвид сите овие факти туку г. Муса никогаш не одговори пред надлежните органи за кривично дело, како што е примање мито, што е казниво според Кривичниот законик на нашата земја“, се вели во реакцијата.
Според партијата, и самиот премиер Заев исто така се обиде да ја скрие и оправда постапката на Асим Муса преку лажните вести што ги ширеше и како сето ова да не беше доволно, ова лице, кадар на ДУИ, ќе се вработи на Клиниката за урологија во Скопје.
„Алијансата за Албанците остро реагира на одлуката кога истата оваа личност, која бара и прима мито, ќе продолжи да ја практикува својата професија за барање-примање мито на Клиниката за урологија во Скопје. Алијансата за Албанците неколкупати реагира и побара овој корумпиран поранешен заменик-министер да биде гонет и преземе одговорност за злоупотреба на службената позиција. Граѓаните на Република Северна Македонија имаат право да добиваат медицински услуги од стручни лица, чии плати се плаќаат преку даноците што самите граѓаните ги плаќаат, а не од надуваните цени што ги наплаќаат корумпираните лица во замена за бараните услуги, кои законски се должни да ги дадат.
Потсетуваме дека лажната вест што ja даде премиерот Заев во Собранието на РСМ за време на расправата за именувањето на новиот заменик-министер за здравство дека медиумската куќа „Топ ченл“ му се извини на Асим Муса е невистинита. Такво нешто не само што беше негирано од оваа медиумска куќа туку и понатаму продолжи да го сатиризира случајот.
Алијансата за Албанците ќе продолжи да реагира сè додека правдата не си го најде своето место“, додаваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

